Македонија
18. September 2015 - 12:06

Бегалската криза една од главните теми на Меѓународната конференција за безбедност во Охрид

Безбедносните аспекти на актуелната бегалска криза во регионот недвојбено ќе биде централно прашање што ќе се обработува на дводневната конференција насловена „Современи безбедносни парадигми и предизвици: теорија и пракса“, што во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје се одржува во Охрид.

Раководителот на Институтот за безбедност, одбрана и мир од Скопје, Оливер Бакревски по однос кризата истакна дека навистина станува збор за комплексно прашање кон кое сериозно пристапува не само Институтот, туку и Република Македонија и сите нејзини институции.

- Со потешкотии се соочуваат сите држави затекнати од самата криза, но Македонија ниту го генерира проблемот ниту може да се очекува и да го реши, истакна Бакревски.

За професорот Лидија Чехулиќ-Вукадиновиќ од Факултетот за политички науки од Загреб, Европа се покажала тотално неподготвена за најголемата хуманитарна криза што во последно време се случила во современите меѓународни односи.

- Кризата покажа дека во пракса не постои заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, односно дека Унијата на меѓународната сцена не дејствува како единствен актер, ниту, пак, се реализираат одредбите од бројните декларации за човекови права усвоени во рамки на ЕУ, истакна Вукадиновиќ.

Таа забележа дека Европа повторно е поделена на две главни групи држави, од кои едната предводена од Германија, која се залага за поефикасно, побрзо и похумано решавање на кризата, и другата предводена од државите од Вишеградската група кои отворено истапуваат со став дека не сакаат да ги примат бегалците.

- За жал, токму Унгарија која прва по падот на комунизмот ги отстрани оградите за да им дозволи на своите граѓани од тоталитарниот режим да одат во демократска Европа, а слично и другите држави од групата, сега тие не ги почитуваат заедничките европски вредности, не дејствуваат како хумани, демократски држави, истакна Вукадиновиќ.

Хуманитарната криза, според неа, нема да се реши во брз рок, туку со прашањето на миграциските кризи ќе мора да живее и ЕУ и меѓународната заедница, таа мора да стане дел од официјалната политика, во насока на што побрза интеграција на сите бегалци во општеството, доколку се сака долгорочен мир на европските простори.

За професорот Зоран Кековиќ од Факултетот за безбедност при Универзитетот во Белград, државите од Западен Балкан повторно се приморани да се занимаваат со проблеми генерирани на друго место, а очекувањата од нив се да работат на спречување на ескалација на проблемот и неговите безбедносни импликации во регионот.

Меѓу другото, тој нагласи дека државите кои не се членки на ЕУ се исправени пред бројни искушенија, пред се поради слабата економска моќ. Проблемот, според него, ќе мора да се решава на пошироко ниво, дури и надвор од рамките на ЕУ, а доколку ЕУ решението го бара преку затворање на границите, се создава безбедносна закана на нејзините граници што, како што нагласи, не е во интерес ниту на Брисел.

Кековиќ забележа дека проблемот со кризата е повеќедимензионален, со политички, економски, социјални и безбедносни димензии, но со укажување дека има и бизнис-димензија, оттаму што тука постојат многу поединци и групи кои заработуваат на маката на бегалците.

На собирот организиран по повод 40-годишнината од формирањето на Институтот ќе бидат одржани 18 панел-дискусии, а со свои студии и научни трудови ќе се претстават повеќе од 120 учесници од Македонија, САД, Ирска, Шведска, Шпанија, Италија, Словачка, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Австралија, Летонија, Руанда, Грција, Албанија, Полска, Црна Гора, Шри Ланка, Босна и Херцеговина...

Цел на конференцијата е да ги собере на едно место научните работници и стручната јавност од Република Македонија и од странство заради размена на мислења и перспективи за најважните прашања поврзани со безбедноста на светот во 21-от век, преку интердисциплинарен пристап односно дијалог помеѓу дисциплините и различните школи на мислење.