Свет
21. July 2021 - 18:16

Белгија: Се суспендира штрајкот на глад на мигрантите, се оди кон политички договор

После 59 дена штрајк со глад и пет дена штрајк со жед денеска е зачнат компромис помеѓу владата и мигрантите без документи кои штрајкуваат, тие штотуку најавија дека го суспендираат штрајкот, јави дописничката на МИА од Брисел.

По недели политички и дипломатски притисок од внатре и од надвор, белгиската влада успеала да постигне начелен договор со штрајкувачите со глад денеска, најавија претставниците на хуманитарниот сектор кои ги поддржуваат мигрантите без документи.

-Вчера и денес имаше средби со владата, успеавме да воспоставиме договор кои сѐ уште не се потврдени. Се надеваме дека ќе бидат. За да нема веќе стрес и анксиозност во Црквата решивме да го прекинеме штрајкот со жед и да го суспендираме, за сега штрајкот со глад, изјавија денеска претставници на мигрантите.

За потсетување од 23 мај во центарот на Брисел над 450 мигранти без документи штрајкуваат со глад, а од пред пет дена и со жед, поради тоа што Белгија одбива да го регулира нивниот престој во земјата.

Некои од нив повеќе од 30 години живеат и работат во Белгија без никакви документи поради фактот што белгиското законодавство не е јасно и одлуките за регуларизација на мигрантите неретко се арбитрарни.

Обединетите Нации реагираа пред неколку дена со низа препораки до белгиската влада да се најде решение за стотиците илјади мигранти без документи и побараа Белгија да го подобри својот закон и да воведе независна комисија.

Бројни познати личности од целиот свет, како Кен Лоуч и Роџер Вотерс, упатија апел до властите во Белгија под итно да најдат решение за мигрантите.

Дел од владината коалиција во Белгија се закани дека ќе ја напушти владата предизвикувајќи нова политичка криза во државата доколку не се преземе итно нешто за овие луѓе.

Државниот секретар за азил, Сами Мади, реагираше на Твитер.

-За мене ова не беше битна против луѓе туку за коректна политика, да се надеваме дека никој нема да има трајни последици.

За сега нема детали за договорот со властите кој овозможи да се суспендира штрајкот со глад.