Џет-Сет
8. December 2019 - 11:07

Берлин: Доделени Европските филмски награди (ЕФА)

Британскиот филм „Миленичка“ (The Favourite) освои осум награди, вклучувајќи ја и за најдобар европски филм, на годинешното 32. издание на Европските филмски награди (ЕФА) во Берлин.

„Миленичка“ освен за најдобар филм, е награден и за најдобра европска комедија, додека неговиот режисер, Гркот Јоргос Лантимос, доби награда за најдобар европски режисер, а глумицата Оливија Колман освои награда за најдобра главна женска улога. Филмот, меѓу другото, е награден и во категориите за најдобра костимографија, монтажа и шминка.

За најдобар европски глумец е прогласен Антонио Бандерас за улогата во шпанскиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“ (Pain and Glory/Dolor y Gloria), кој освои награда и за најдобра сценографија.

Меѓу останатите филмови, францускиот „Натажени“ (Les Miserables) е награден како Европско откритие на годината. Британскиот филм „За Сама“ (For Sama) е прогласен за најдобар европски документарец, шпанскиот филм „Bunuel in the labyrinth of the turtle“ за најдобар европски анимиран филм, додека романскиот „Божиќен подарок“ (The Chritsmas Gift/Cadoul de craciun) е прогласен за европски краток филм на годината.

Полскиот филм „Студена војна“ (Cold War/Zimna wojna) го доби мнозинството гласови од публиката и наградата „People`s Choice Awards“, а германскиот режисер Вернер Херцог доби награда за животно дело.

Церемонијата за доделување награди се одржа синоќа во познатата берлинска сала „Haus der Berliner Festspiele“. Во Берлин, каде што се наоѓа седиштето на Европската филмска академија која ги доделува овие награди, церемонијата на доделување се одржува секоја втора, непарна година од 1997 година, додека во парните години наградите се доделуваат секој пат во некој друг европски град.

Наградите на ЕФА вкупно се доделуваат во 24 категории, за што одлучуваат 3.600 членови на Европската филмска академија.