Македонија
16. April 2021 - 16:40

Бесплатно тестирање за антитела само ако има медицинска индикација, сите останати ќе плаќаат

Испитувањето за проверка на антитела на Ковид-19 да не биде на државен трошок, туку граѓаните да го плаќаат приватно, а чини 700-тини денари. Вакво известување Фондот за здравство пратил до сите државни лаборатории кои прават анализи за ИГГ со образложение дека оваа услуга не била во протоколите од Комисијата за заразни болести, туку за дијагностика требало да се користат само ПЦР и брзиот антигенски тест.

-Земајќи ја предвид состојбата со ковид-19 и ограничените финансиските средства со кои Фондот располага, ве известуваме дека анализите за детекција на антитела од класата на IgG и IgM не треба да се вршат на товар на средствата на Фондот. Доколку пациентите инсистираат на овие анализи, тогаш трошокот за нивно извршување е на товар на пациентите, се вели во дописот од ФЗОМ.

По ваквата одлука, денеска министерот за здравство после разговорот со директорите на Фондот и Институтот за имунологија рече дека повторно ќе се прави проверка на антитела на државен трошок, но според одредени критериуми.

- Се договоривме, да се врати повторно одлуката да се прават тие испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но под одредени критериуми, да не биде дека кој било може да го направи тоа испитување оти финансискиот товар е многу голем, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

И изминатиот период граѓаните тешко доаѓаа до термин за испитување на антитела на државно, поради ограничениот капацитет со кадар и опрема на Институтот, а од друга страна интересот станува се поголем со почнувањето на процесот на имунизација и сакаат да знаат дали прележале Ковид како и најавата дека може да се патува спо ваков тест.