Loading Video...
Ракомет
29. October 2020 - 16:05

Без Борко и Гоце во европските квалификации

Борко Ристовски и Гоце Георгиевски не се во составот на селекторот Данило Брестовац за претстојните два квалификациски натпревари на македонската машка ракометна репрезентација. 
 
Иако пред само една седмица во дуелот од Лигата на шампионите против Порто, голманот Борко Ристовски потврди дека е во одлична форма, сепак како и неговиот клупски колега од Вардар, крилото Гоце Георгиевски ги нема на скратениот список на Брестовац за дуелите против Финска и Швајцарија. 
 
Денеска Брестовац го скрати списокот на ракометари и тоа на 19-мина на кои ќе смета на првите два меча од квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2022 година.
 
Во отсуство на Борко Ристовски, голманското трио на кое ќе смета селекторот го сочинуваат Никола Митревски, Мартин Томовски и младиот и талентиран вардаров член Марко Кизиќ. 
 
Првиот натпревар нашите ракометари ќе го играат на домашен терен и тоа во среда (4 ноември – 20 часот) кога ќе ја пречкаат Финска, додека три дена подоцна (7 ноември – 18:30 часот)  ќе и гостува на  Швајцарија во градот Цуг.