Македонија
6. September 2017 - 14:06

Бил неколку пати во неговиот ресторан: Ја испил пијачката, бил до тоалет, па го застрелал Бојку во глава

Во врска со убиството на Дилавер Бојку Леку, извршено на 14 август годинава во неговиот ресторан на струшката плажа „Аква блу“, истрагата засега не соопштува никакви нови детали. Но голема е веројатноста дека истрагата не стои во место, и дека има значаен прогрес, особено во делот од реконструкцијата на случајот и идентификацијата на учесниците во извршувањето на кривичното дело. Меѓутоа, мотивот за вршење на делото сѐ уште докрај не е расветлен, пишува Нова Македонија.

Сепак и при недостиг од официјални сознанија, извори на весникот, независни од истрагата, од Струга информираат дека полека се склопуваат коцките од мозаикот. Неколку нови индикатори поврзани со убиството, покажуваат дека криминалната егзекуција била долготрајно планирана. Второ, постојат индиции дека се инволвирани повеќе лица во криминално, односно во т.н. злосторничко здружување, од кои најмалку пет лица биле непосредни организатори на убиството, а еден од нив – директен извршител. Постојат индиции и дека криминалната егзекуција требало да се реализира токму на денот кога има авионски лет за странска држава, токму од најблискиот аеродром, а часот за „реализација“ да се сочека за биде многу кратко време пред полетувањето на авионот, односно чекирањето (и летот, се разбира од државава) да биде во последниот момент. Во таквиот контекст, веројатно исклучително добро се водело сметка и за „идентитетот“ на извршителот и за неговите „оригинални“ патни исправи, односно и при купувањето на картата извесно време однапред.

Пред сѐ, нов момент е сознанието дека убиецот неколку дена пред убиството доаѓал во „Аква блу“ и спокојно си нарачувал некаков пијалак, ќе го испиел и си одел без да комуницира со никого. Непознатиот дошол и критичниот понеделник, си седел на својата маса и откако ја испил пијачката платил и влегол во тоалетот.

На излегување, околу 16.15 часот, смирено пришол до масата на која седел Дилавер Бојку, испукал само еден куршум во главата на жртвата, во близината на слепоочницата. Истрелот бил смртоносен. Потоа избегал во правец на стадионот на Караорман, но откако забележал дека двајца од гостите го бркаат испукал кон нив два куршума, по што гонителите се повлекле.

Убиецот кај стадионот се качил на моторче што лично го управувал и според нашиот извор, ставил заштитен шлем и откога се уверил дека никој не го гони, се вратил назад во правец на „Аква блу“, но не застанал таму туку продолжил кон хотелот „Мираж“ што е оддалечен околу 200 метри од местото на злосторството, во насока на Охрид. Таму го чекал камионет „мерцедес“. Извршителот, како во филмовите, заедно со моторот влегол во приколката на камионот. Оттаму тој е префрлен до аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде што во 16.35 пристапува на шалтерот за да го чекира билетот за летот за Базел. Истиот извор наведува дека во чекалницата за полетување влегол уште во 17.15 часот, а летот бил во 18.30 часот. Се претпоставува дека луѓето што му го организирале доаѓањето во Струга го засолниле на сигурно во Швајцарија, каде што засега му се губи трагата.