Свет
25. January 2017 - 15:41

„Билд“: Можен терористички напад врз водоовод во Германија

Исламистите можат да изведат терористички напади со хемиски средства врз инсталации за вода за пиење во Германија заради што германските воени и безбедносни сили се наоѓаат во состојба на подготвеност, предупредува германската Влада.

Во извештајот на Владата во Берлин под наслов „Анализа на ризикот во заштитата на населението“, се вели дека исламистите се во можност да „набават поголемо количество хемикалии и да ги употребат“, објави германскиот весник „Билд“.

Хемиски напад врз инсталации за вода за пиење би била „реална опција“ во случај на семејни куќи, наведува весникот, додека „голем потенцијал за ризик“ постои и кога станува збор за објекти или транспорт во хемиската индустрија, пренесуваат француските медиуми.

Германската Влада во извештајот детално ги опишува опасностите што му се закануваат на населението од напади со хемикалии и како германските безбедносни служби, болници и спасувачки служби треба да се подготват за тоа.

„Некоја одлучна терористичка група со доволно стручно знаење секако може да биде во состојба потенцијално опасниот хемиски материјал што веќе постои во Германија да го употреби во рамки на напад за свои цели“, ја цитира „Билд“ анализата на германската Влада.

Во совладувањето на последиците од нападот можеби ќе биде неопходно Бундесверот да се вклучи „повеќе отколку досега“, наведува владата и додава дека германската војска за тоа се подготвува „повеќе отколку кога било досега“. сд/14:32