Македонија
10. May 2020 - 20:34

Битолчани масовно на Широк Сокак

Ваква беше денешната слика на Широк Сокак каде што се наоѓаат поголемиот број кафулиња кои моментално не работат заради мерките за заштита од коронавирусот. Околу еден часот имаше раздвиженост, а за тоа послужи и пријатното време. Но, последниот период битолчани од Широк Сокак се префлија во градското шеталиште. Денешниот ден ги намами сите да прошетаат или пак да седат на клупите. Најмногу имаше семејства со деца. Раздвижено беше и во детскиот парк. Можеше да се забележи дека има граѓани кои ги почитуваат мерките за носење маски и социјална дистанца, но и такви кои не ги почитуваат. Оние граѓани кои ги запрашавме велат дека често не се почитува носењето маски и држењето растојание.

-Ич, ич.

-Не ги почитуваат многу граѓаните.

-Некаде се почитуваат не, овде во Битола не многу.

-Кога одам во пошта, во банка, продавница. Јас секогаш носам.

-Има некои кои не почитуваат, но би требало.

-Во Битола мислам дека солидно се почитуваат, како што гледаме, денес ете така излезе, но мислам дека се почитуваат. Најмногу се почитува по институции, банки, фирми, продавници, маркети, велат граѓаните.

Скоро сите се согласни дека се уште е рано за олеснување на мерките.

-Мислам дека не треба се уште да се олабават, се уште постои ризик.

-Мислам дека треба уште некој период да се придржуваме на мерките.

-Уште малку, барем уште една недела, затоа што нагло ќе се олабавиме и тоа не чини; велат битолчани.

Инаку во Битола денеска има еден случај на новозаболен од Ковид 19, со што вкупно се 4 активни случаи. Заедно со денешниот, регистрирани се 23 заболени, од кои 17 се оздравени и два со смртен исход.