Бизнис
15. December 2019 - 16:24

Бизнисот бара брзи избори, без долги кампањи

Избори мора да има, тоа е алатка на демократијата, но треба да се работи на модел кој ќе овозможи уште во понеделник по изборите, премиерот да поднесе заклетва и да се стави во функција, како што е на пример во соседна Грција, смета првиот човек на Стопанска комора, Бранко Азески. Изборите треба да бидат што е можно поефикасни и да нема злоупотреби на изборниот процес, што може да му наштети на бизнисот.

-Кампањите да бидат што е можно пократки и притисоците врз приватниот сектор од страна на јавниот сектор да исчезнат- изјави Бранко Азески, претседател на СКМ.

На крајот од годината може да се констатира дека во ниту еден сектор нема сериозна криза, меѓутоа намалени се економските активности, пред се, поради проблемите од политички карактер.

-Оваа година која беше прогласена за „година на бизнисот“, може не ги даде очекуваните резултати, но ние се надеваме дека со отстранување на тие политички причини кои се виновни за тоа, ќе добиеме како бизнис, простор за наше поголемо дејствување во наредниот период-додаде Азески.

За наредната година економскиот раст и развој Азески го гледа во интеграцијата на земјите од Западен Балкан во реализација на 4 крупни проекти, воспоставување на регионална авио компанија, заедничка арбитража, заедничко кредитно биро и олеснување на царинските постапки преку „малиот Шенген“.