Loading Video...
Кошарка
13. July 2019 - 15:15

Богат викенд со настапи на младите македонски кошаркарски селекции

Четири млади македонски кошаркарски селекции денеска имаат свои настапи. 
 
На првенството за кошаркарки до 18 години што се одржува во Скопје, нашите јуниорки играат против Албанија. Ова е натпревар за пласман од 21 до 23.место, во кој македонските кошаркарки ќе ја бркаат првата победа на првенството, а со тоа ќе се обидат да го избегнат и последното место. 
 
Селекцијата од истата годишна возраст (18), но во машка конкуренција е домаќин на турнир во СЦ „Кале“. Избраниците на селекторот Тони Симиќ кои вчеравечер беа поразени од Бугарија, вечерва од 20 часот ќе играат против врсниците од Косово, а утре во истиот термин за противник ќе ја имаат селекцијата на Албанија, што ќе биде и последен тест пред заминувањето за Ородеа, Романија каде од 26 јули  до 4 август ќе настапуваат во Б дивизијата на континенталниот шампионат. 
 
Младинците лош го започнат настапот на првенството за играчи до 20-години што се одржува во Португалија.  Убедливиот пораз во првиот меч од Белгија е веќе минато за избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ, па вечерва од 21:30 часот против домаќинот Португалија, црвено-жолтите ќе се обидат да ја остварат првата победа. 
 
Најмладите, кадетите се во Бугарија, каде во наредните седум дена ќе одиграат повеќе контролни натпревари (првиот денеска против Бугарија), а преку кои кошаркарите предводени од селекторот Денис Дервишевиќ ќе ја „брусат“ формата за настап во елитата (А дивизија) односно Европското првенство во Удине, Италија, за кошаркари до 16 години што ќе се одржи во првата половина на август.