Македонија
29. September 2018 - 11:18

Болни и изнемоштени гласаат во Делчево, Берово, Каменица и Пехчево

Во Делчево денеска навреме започна гласањето на болните и изнемоштени лица кои треба да се изјаснат по однос на референдумското прашање.
 
Како што информираше Владимир Петровски, претседател на Општинската изборна комисија Делчево, членовите на ОИК навреме се упатиле кон местата каде ќе гласаат болните и изнемоштени лица со што очекува гласањето да помине во најдобар ред.
 
- Општинската изборна комисија од Делчево е подготвена за успешно спроведување на референдумот. Во тек е гласање на болни и немоќни лица. Вкупно 85 болни и изнемоштени лица гласаат во Делчево. Се надеваме на успешен ден и дека гласањето ќе помине во најдобар ред. За утрешното гласање во Делчево ќе се гласа на вкупно 36 избирачки места. Право на глас во општина Делчево на референдумот имаат 14.721 гласач, рече Петровски.
 
Според информациите на општинските изборни комисии во Пехчево, Берово и Македонска Каменица, во овие општини ќе гласаат вкупно 73 лица. Од нив најмногу во Берово (32), во Македонска Каменица 28, а најмалку (13) болни и изнемоштени лица ќе гласаат во Пехчево.