Македонија
8. August 2020 - 16:50

Болни, оставени на улица - мајка и ќерка молат за помош

Солзи, страв и неизвесност. Емоциите ја совладуваат Елма, која заедно со нејзината мајка веќе четврти ден се наоѓаат под отворено небо.

Комплицираниот животен пат ги доведе до скопски Капиштец. Од дождот во изминатите денови ги штити зградата покрај која се засолниле. Со она што малку им останало од животот, се трудат да го преживеат најтешкиот период од нивните животи – оној во кој се нашле без дом и на улица.

Елма очајно бара помош од институциите. Здравствена и безбедносна.

Како се снаоѓате?

“Никако. Со болна мајка. Престана да оди. Првиот ден врнеше многу. Баравме помош од социјално и ништо. Се ништо...”

Во каква здравствена состојба се наоѓа вашата мајка?

“Во многу лоша. Викавме брза помош – не доаѓа. Ни даваа некои броеви. Значи четири дена не може да се движи. Многу лоша здравствена состојба”

Најавата дека следуваат тешки времиња за двете жени датира од март 2019 година, кога Елма останува без стан. Егзистенцијалната борба продолжува по сите државни институции, за да кулминира со нивно завршување на улица. 

Единствени примања им се пензијата која ја зема мајката на Елма, но таа не е доволна за преживување. Судбина која не смее да стане реалност.

“Бараме помош, да не сме на улица. Никој не го заслужува ова, никој...Посебно не на овие години. Јас сум под стресови, не знам што да кажам повеќе”

Во длабока старост, мајката на Елма има проблеми со одењето и е наглува. Итно и потребна нега, а со здравствени проблеми се бори и нејзината ќерка.  

Потребите се големи, а желбата е само една.

“Само бараме помош да не сме на улица. ДА НЕ СМЕ НА УЛИЦА. И да и се помогне на нејзе, брза помош нека дојде или било кој. ДА ПРООДИ...Она четири дена не оди, седи. ТЕШКО Е!”

Соседите од зградите во Капиштец велат дека првпат ги забележале двете бездомни жени пред еден месец. Но тогаш само на еден ден. Повторно засолниште на истото место побарале пред четири дена, кога на помош им пришле хумани граѓани и им понудиле храна и вода.

Според информациите од социјалните служби, нивната судбина мометално ја делат уште 50 до 70 лица, кои се згрижени во соодветните институции.