Македонија
23. December 2020 - 10:40

Борисов до Заев: Секогаш сме подготвени да им помогнеме на најблиските соседи и пријатели

Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели. Ова му го кажав на премиерот Зоран Заев, кој ни се заблагодари за подготвеноста да им помогнеме, обезбедувајќи вакцини против КОВИД-19, објави изутринава на својот фејсбук профил бугарскиот премиер Бојко Борисов

– Ситуацијата е навистина тешка и треба да се поддржуваме и да сме солидарни. Секој живот е важен и ние ќе вложиме максимални напори да го зачуваме, наведува Борисов.

Пораката од Борисов следува по благодарноста што синоќа преку фејсбук ја упати македонскиот премиер Зоран Заев до неговиот бугарски колега и Владата во Софија за одлуката дел од своите вакцини против КОВИД-19 да и донираат на РС Македонија.

– После одлуката за донации на вакцини, изразив благодарност лично до премиерот Борисов, до Владата на Бугарија и до бугарскиот народ за солидарниот и хуман гест и исклучителен чин на пријателство кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Македонија. Во благодарноста на премиерот Борисов му пренесов дека донирањето на дел од вакцините кои ги набави бугарската влада е многу важно и доаѓа во исклучително тешки времиња на силен бран на коронавирусот со кој се соочуваат двата народи, двете држави и целиот свет, напиша Заев на ФБ.