Балкан
23. November 2020 - 16:32

Борисов пред ЕУ амбасадорите - Разговорите продолжуваат

Премиерот Заев е подготвен за средба со својот бугарски колега Борисов за надминување на отворените прашања помеѓу двете земји. Останува оптимист дека решение е можно до самитот на Европската Унија во декември.

Бугарија е подготвена да ги продолжи преговорите со Македонија за да се одблокира евроспката интеграција

Ова бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска го порача пред амбасадорите на ЕУ.

„Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни“, напиша Борисов на фб по видео состанокот на кој присуствуваше заедно и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

Вчера и министерот Османи потврди дека има секојдневни разговори со Бугарија со надеж дека преговарачката рамка ќе се  усогласи до самитот на Европската Унија во декември, но засега без конечен договор.

Опозицијата пак упорно прашува какви ветувања има дадено премиерот Заев до властите во Бугарија.

Во изјава за миа  политичкиот аналитичар и експерт за Балканот, професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер оценува дека блокадата на Бугарија го киднапира процесот на проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на Унијата и ги обесхрабрува другите земји кандидати.

Бугарската позиција е проблематична од три аспекти. Прво, таа поставува барања од Македонија, кои не треба да бидат предмет на политички одлуки и притисок меѓу земјите. Без оглед како да се толкува историјата, ова треба да биде работа на историчарите, инаку за историјата дискутираат аматери. Исто така, ја става историјата во служба на одредена нација. Второ, наметнување на национална историја на друг е малтретирање и исто така не е во согласност со добрососедските односи. Трето, ваквите прашања не треба да застанат на патот на пристапувањето во ЕУ бидејќи не се однесуваат на подготвеноста на Унијата за Северна Македонија. Со тоа се киднапира пристапот кон ЕУ, вели Бибер за миа.