Македонија
24. December 2015 - 13:30

Божикна честитка од премиерот Груевски

Премиерот Никола Груевски денеска упати честитка за големиот христијански празник Божик до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во државава.

- Божик е празник на љубовта и радоста, празник на спокојот и милосрдието, празник кој нè потсетува на вистинските божји патишта и нè учи да ги почитуваме високите морални вредности. Божик е денот на радоста во душата на секој верник. Во мир и спокој да ја примиме веста која столетија наназад го осветлува планот Божји и неговата промисла да ни ги отвори патиштата по кои треба да чекориме. Бог е со нас, а симбол на таквиот дар е Христовото раѓање, истакнува Груевски.

- Да се радуваме и да ја споделиме љубовта Божја, да постанеме и ние синови Божји. Како што нè учи овој голем празник, да се свртиме кон ближните, кон пријателите, кон нашите соседи, кон нашите сограѓани, кон нашата држава. Да ги обогатиме со својата љубов и добрина, да даруваме чисто, безусловно и со целото свое срце. Ви посакувам убави празнични денови, многу здравје, многу радост, успех и благосостојба во наредната 2016-та година. Нека е честит и благословен големиот христијански празник - Божик, вели премиерот Груевски во честитката.