Свет
28. December 2016 - 15:55

Брегзит - најзначајниот политички момент во Британија во 2016 година

Одлуката на мнозинството Британци на референдумот од 23 јуни да гласаат за напуштање ЕУ, е прогласен за најзначајниот момент во Велика Британија оваа година, според листата на десетте најважани настани, што ја направи британската телевизија Скај.

На второ место се наоѓа одлуката на владејачката Конзервативна партија, Тереза Меј , дотогаш министер за внатрешни работи, да биде новиот британски премиер.

Таа беше еден од петмината кандидати за партиските избори за нов лидер и премиер, но наместо гласање на членството, по вториот круг, партиското водство се определи Меј да влезе во Даунинг стрит 10, како втората жена ( по Маргарет Тачер) премиер на Велика Британија.

Третиот најзначаен настан годинава, според Скај, е оставката на премиерот Дејвид Камерон. Само 12 месеци по убедливата победа на парламентарните избори, Камерон се повлече од сите свои функции, откако доживеа пораз на референдумот за ЕУ.

Прераното заминување во „пензија“ на Камерон се означува како негов голем личен пораз, откако тој одлучи да го покрене „европското прашање“ да отвори дебата за односите со ЕУ и да организира референдум за напуштање на Унијата, кога тоа никој не го бараше.

Неговите верувања дека Британците, во поголемиот број, се определени за ЕУ, после 43 години членство, се покажаа сосема погрешни.

Затоа, не беше изненадување за никого, што поднесе оставка уште истиот момент кога се разбра дека направил погрешна проценка со референдумот, чии последици сега никој не знае што ќе и донесат на земјата.

Како четврт настан по значење годинава, оваа телевизија го смета повторниот изборен триумф на левичарот Џереми Корбин за лидер на опозициската Лабуристичка партија, што се означува како дефинитивно свртување на оваа партија кон левичарењето и враќање на лабуристите кон политиката да бидат работничка партија, а не партија на левиот центар.

На листата на Скај, на седмото место е Најџел Фараж, поранешниот лидер на антиевропската и антиимигрантска партија УКИП.  Местото во листата го има заслужено, не само со неговата антиевропска активност и агитирањето со говорот на омразата кон имигрантите, пред се, оние од источна Европа, туку и со настојувањето да биде посредник на владата во Лондон со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Сега тој е редовно еден од „гласноговорниците“ на европската крајна десница кога станува збор за растурањето на ЕУ, на шенгенскиот договор и вражањето на „националните“ граници во Европа.

Во ранг листата на десет најзначајни настани во Британија во годинава која истекува, се најде и изборот на Садик Кан, лабурист и Пакистанец по потекло, за нов градоначалник на Лондон.