Македонија
28. January 2021 - 8:29

Британската мутација на коронавирусот не ја избегна и државава, министерот Филипче смирува нема простор за паника

Во период кога се бележи стабилизација на состојбата со Ковид-19 во државава, детектиран е британскиот сој на вирусот, кој има побрза трансмисија за 70 проценти, но е со полесна форма.

Како што информираше Министерството за здравство, при анализа на податоци од позитивни ковид пациенти во јануари, во приватна лабораторија за генетика и перосонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“, кај еден примерок е детектирана мутација на британскиот сој на вирусот СарсКов 2. Станува збор за 46 – годишен маж, кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Според податоци од ИЈЗ, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради зголемена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот е со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавил на преглед во приватната болница „Жан Митрев“ каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот веднаш бил хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му бил направен уште еден тест, кој повторно бил позитивен. Во епидемиолошката анкета пациетот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал надвор од државата.

Лабораторијата во болницата „Жан Митрев“, како што беше соопштено, со посебна ПЦР метода утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа било направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата што ја проследиле, како што посочуваат од Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој биле утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не бил детектиран британскиот сој на СарсКов2.

Во врска со детектираниот британски сој на вирусот во земјава, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека оваа мутација на вирусот не можела да се избегне и веројатно ќе се случи во сите земји во светот. Посочи дека ова било очекувано и практично било невозможно да не се случи, со оглед на тоа што во повеќе земји во Европа и во регионот овој сој на вирусот веќе е присутен.

– Нема простор за паника, остануваме внимателни. Ние и сега имаме превентивни мерки кои очигледно дадоа резултат. Точно е дека оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70 проценти, според публикациите во Велика Британија. Исто така, тоа што е познато од литературата е дека типот, формата на болеста е полесна од она што беше претходно. Но, превентивните мерки мора да се почитуваат. Очигледно е дека носењето маски, држењето на дистанца навистина станува клучно, посебно со оваа форма на мутација на вирусот. Ние будно ја следиме епидемиолошката ситуација. Засега нема да препорачаме друг тип или дополнителни превентивни мерки, но следиме каква ќе биде состојбата, рече Филипче.

Доколку ескалира ситуацијата, потенцира министерот, здравствениот систем е подготвен и поставен, а во било кој момент испразнетите одделенија може повторно да станат ковид – центри. Нагласи дека штом е детектирана на едно место мутацијата веројатно дека ја има и на други места.

– Мутацијата не мора да е секогаш увезена од некои од земјите. Многу често мутација се случува и во секоја една од земјите, самиот вирус има тенденција да мутира заради тоа што го бара патот за трансмисија, а се соочува со можеби во некоја мини средина и со некаква форма на имунитет. Во таа смисла, не е чудо мутацијата да е од едно одредено подрачје. Не мора да имал човекот контакт или да патувал за да се случи мутација на вирусот. Впрочем, веќе констатираните мутации кај нас 20-тина соја кои се детектирани воопшто не се увозни, туку се практично мутации кои потекнуваат од тука и се наши автентични, додаде Филипче.

Според вчера објавените податоци на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 394 случаи на Ковид-19 од направени 2236 тестирања, девет починати и 387 оздравени пациенти. На инфективните оддели во државава се лекуваат 584 пациенти со Ковид-19.