Македонија
6. јуни 2016 - 17:04

Британските политичари поборници на ,,Брекзит‘‘ и натаму ја користат Македонија за застрашување на гласачите

Британските политичари, поборници на излез на Обединетото Кралство од Европската Унија продолжуваа да ги користат Македонија и земјите од регионот, кандидати за членство во Унијата како плашило за гласачите на референдумот закажан на 23 јуни.

Конзервативниот пратеник од Велс, Давид Дејвис за БиБиСи изјави дека прогнозите укажуваат на огромен притисок од страна на миграцијата во следните години.

,,Ако Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција заедно влезат во ЕУ, тогаш населението во Велика Британија ќе се зголеми за 5 милиони во следните 14 години‘‘, изјави Дејвис.

Во рамките на кампањата за Брекзит, Дејвис тврди дека само во Велс во периодот од 2016-та до 2030-та година ќе пристигнат 131 илјади мигранти за кои ќе бидат потребни дополнителни 246 милиони фунти од велшкиот национален буџет само за нивна здравствена заштита.

Според Дејвис наместо да се даваат пари за земјите кои сакаат да и се придружат на Европската Унија, тие пари треба да се искористат за локалните приоритети во Велс и низ Велика Британија.

За разлика од Брекзит, поборниците за останувањето во Унијата, сметаат дека напротив, здравствената заштита во Британија ќе бидат многу посилни во друштво со останатите нации во Европа.

Инаку, на островот масовно се користи плакат за кампањата на противниците на Унијата на кој пишува „Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција пристапуваат кон ЕУ. Сериозно!?“, што е осудено од мигрантите кои доаѓаат од повеќето од наведените земји.

Според последните анкети, поддршката за излегувањето на Велика Британија од Европската унија е за 4 проценти повисока од поддршката за останувањето во сојузот. Но, тоа што ќе го реши исходот од референдумот се 16-те проценти од испитаниците кои не одлучиле како ќе гласаат.