Македонија
4. December 2020 - 16:47

Бучковски следната недела на средби во Софија

Специјалниот претставник во македонско-бугарскиот спор, Бучковски следната недела за првпат и официјално ќе отпатува во Софија. Но, засега министерот Османи не открива со кого ќе се сретне. Вели дека темите на средбите кои Бучковски ќе ги има во Софија се утврдени уште со потпишувањето на Договорот за добрососедство.

-Се надевам дека Бучковски ќе биде примен во Република Бугарија на највисоко можно ниво за да може да поразговараме отворено за можностите за надминување на разликите уште сега за да пристапиме кон одржување на првата Меѓувладина конференција. Се уште го правиме аранжманот бидејќи реков оти Бучковски ќе работи под инструкции и во рамки на МНР и Владата. Аранжманите за неговите посети и средби ги прави МНР, рече Османи.

Во дипломатските напори за промоција на земјава Османи вели дека сериозно ќе помогне синоќешната едногласна одлука на Самитот во Тирана - во 2023 Макеоднија да претседава со ОБСЕ.

-Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново меѓународно позиционирање на Република Македонија како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе овозможи да се манифестира и институционалниот капацитет кој се очекува од земја-членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ, рече Османи.

МНР и натаму се соочува со предизвикот да ги пополни испразнетите амабасадорски мести. Меѓу останатите, празно е и амбасадорското место во Софија кое сега можеше да одигра значајна улога во подобрувањето на односите на двете земји. 10 амбасадори се веќе подготвени, но се чека да ги поминат собраниските процедури. Османи аплираше пратеникот Милошоски да не ја кочи Комисијата за надворешни работи.