Бизнис
7. October 2016 - 13:28

Буџетски форумски процес во Општина Кочани

Општина Кочани започна со спроведување на буџетски форум во рамки на програмата Форуми во заедницата, која овозможува директно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво, транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самуправа.

- Целта на буџетскиот форум –прва сесија која се одржа синоќа во Кочани е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2017 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година, рече градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.

Општина Кочани со одлуката за спроведување на буџетски форум, нагласи тој, покажува високо ниво на транспарентност и отчетност пред своите граѓани. Смета дека ова е одлична можност да се изготви буџет во согласност со потребите и приоритетите на граѓаните. 

Буџетскиот форум содржи пет форумски сесии на кои градоначалникот и општинската администрација, заедно со заинтересираните граѓани, ќе презентираат, дискутираат и ќе одлучуваат за распределбата на средствата од општинскиот буџет. На шестата (последователна) сесија пак, Општината ќе поднесе отчет за реализираните програми и проекти, односно за извршувањето на буџетот, во согласност со донесените форумски одлуки.