Македонија
27. November 2020 - 16:40

Бугарија бара постапки за говорот на омраза, полицијата тврди дека будно ги следи социјалните мрежи

Бугарија ја цени брзата акција на македонските власти против провокациите, навредите кон бугарските функционери и палењето на бугарското знаме. 

Ова било истакнато на вчерашната средба помеѓу претставници на македонската амбасада во Софија со бугарската министерка Захариева.

Сепак официјална Софија очекува реакција и за говорот на омраза кои се шири преку социјалните мрежи. Како конкретен проблем ја посочува facebook групата „Ајде да плукаме по бугари и бугараши“, каде се шират повици за физичка пресметка со бугарски државјани и напаѓање на бугарски туристи во Македонија. На истата страница пишуваат и бугарски државјани кои даваат поддршка за ветото кон Македонија и тврдат дека македонскиот јазик е бугарски.

На оваа тема министерот Спасовски вели дека соработува со своите бугарски колеги и дека внимателно се следи говорот на омраза за што веќе се водат и конкретни истражни дејствија.

Ги следиме, преземени се одредени истражни дејства за одредени фејсбук-групи и на други мрежи. И ова не е само за ситуацијата туку и генерално, бидејќи проблемот со говорот на омраза е сериозен, создава непријателства и во други држави, иако во овој период е малку поизразено поради состојбата“ вели Спасовски.

И од македонското Министерство за надворешни работи велат дека најостро ги осудуваат сите видови на провокации и израз на омраза кој не се во интерес на односите помеѓу двете земји.

Претходно и македонската Влада поведе постапка за разрешување на Зоран Иванов од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на Медиумската информатива агенција поради објава на фб статус со навредлива содржина за бугарската министерка Захариева.