Македонија
26. April 2021 - 21:17

Бугарија оди кон нови избори - како ќе влијае тоа на почетокот на преговори на Македонија со ЕУ?

Политичкиот амбиент во Бугарија не ветува брзо формирање на влада, што значително го отежнува патот на Македонија кон ЕУ. Се поизвесни се нови избори кои би се одржале на лето, а тоа значи пропуштање на јунската шанса за Македонија и отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Според бугарскиот историчар и аналитичар Дечев, корените на бугарското вето се протегаат од многу порано и нив ќе може да ги раскине само стабилна влада во Софија.

Единствена надеж за отстранување на блокадата е Мешовитата историска комисија, која веќе подолго време не испорачува резултат. Нивната работа може да ја откочат независни меѓународни олеснувачи, во кои, според Дечев, и двете страни полагаат некаква надеж.   

Иако без резултати во политички вакуум, Дечев во работата на Комисијата гледа детали и изјави кои наговестуваат компромис. Според него, тој многу побрзо би се постигнал со историчари професионалци и политичари со европски погледи во двете земји.