Македонија
6. July 2017 - 10:28

Бугарски европратеник бара од ЕУ да нареди итен прекин на „доктрината за антиквизацијата“ во Македонија

Европратеникот Ангел Џамбаски од партијата ВМРО-БНД на актуелниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, во официјално прашање доставено до Европската комисија бара Комисијата, како неформална Влада на ЕУ да нареди „итен прекин на ‘доктрината за антиквизација’“ во Македонија, односно во ПЈРМ, како што тој ја ословува македонската држава.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел,На почетокот на неговото прашање до Еврокомисијата, (линк до прашањето (http://www.europarl.europa.eu/RegData/questions/ecrites/2017/003967/P8_QE(2017)003967_EN.pdf), европратеникот Џамбаски наведува дека „по долг и тежок период на политичка дестабилизација и длабока криза, во поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ) е формирана влада. Притоа, бугарскиот пратеник во Европскиот парламент додава дека „Бугарија ја поддржува ПЈРМ на нејзиниот пат кон европската интеграција“, но дека, според него „загрижува фактот што некои прашања кои се исклучително важни за регионот не беа покренати или дискутирани за време на состанокот на еврокомесарот Хан  со премиерот Зоран Заев“, при посетата на Скопје.

- Овие прашања се однесуваат на добрососедските односи и на однесувањето. Убеден сум дека ова треба да биде првиот чекор кон пристапувањето во ЕУ. Дали Комисијата инсистира да биде потпишан договорот меѓу ПЈРМ и Бугарија како услов за пристапување во ЕУ? Дали ќе инсистира на тоа дека доктрината за „антиквизацијата“ ќе биде прекината со непосреден ефект, бидејќи тоа им штети на односите меѓу ПЈРМ и нејзините соседи, а истовремено и ги оневозможува изгледите на земјата за пристапување во ЕУ?, се вели во официјалното прашање на бугарскиот европратеник до ЕК.

Ова свое право како член на Европарламентот, Ангел Џамбаски редовно го користи за Европската комисија да ја прашува најмногу прашања поврзани со Македонија, при што за цело време инсистира на притисоци од Брисел врз македонската држава, а поврзани со прашања за кои Македонија и Бугарија преговараат да бидат надминати преку т.н. договор за добрососедство. На посоченото прашње, како што тој наведува, очекува Еврокомисијата да му одговори по писмен пат.

Џамбаски, идната недела на 11-ти јули (вторник), во просториите на Европскиот парламент во Брисел, организира „кратка дискусија за актуелните случувања во ПЈРМ и нејзиниот процес на интеграцијаво ЕУ“. Притоа, наведува дека говорници на оваа округла маса ќе бидат „двајца истакнати научници од Македонскиот институт за наука - Георги Николов и Володја Милачков“. Посочените научници, според приложените биографии, се Бугари, од Софија, а „Македонскиот институт за наука“ е бугарски, со седиште во Софија и нема врска со Република Македонија и со научници, историчари и професори од македонската држава.