Loading Video...
Балкан
14. August 2020 - 16:35

Бугарскиот премиер најави рестарт на државниот и политички систем

Бугарскиот премиер Бојко Борисов најави целосен рестарт на државата и смена на политичкиот систем. По речиси 40 дневните непрекинати протести во повеќе бугарски градови, Борисов на вонредна прес конференција најави и можност да поднесе оставка, ако Големото народно Собрание закаже итна седница на која ќе биде донесен нов Устав и распишани предвремени избори.

„Време е за одговорност и одлучност! Време е не само за смена на политичкиот систем, туку за рестартирање на државата. Неопходно е рестартирање на политичкиот модел и не може повеќе да се пролонгира. Единството, државноста и стабилноста на земјата за мене не се само прости зборови, тоа е основата од која сум тргнувал за секое решение“, рече Борисов во обраќањето.

Новите уставни измени според Борисов треба да го наламат бројот на пратеници од 240 на 120, додека во Големото народно Собрание бројот на претставници да биде намален од 400 на 280, но и повеќе судски реформи. Во обраќањето им се обрати на младите кои се дел од антивладините протести, на кои им порача дека го почитува нивниот бунт.

„Тие сè уште имаат шанса да создадат ново, легитимно, демократско движење и нова генерација на политички лидери со демократски имиџ на Бугарија. Време е младите да ја реализираат својата историска мисија и тешкиот пат што ќе го предложам да го изодиме заедно“,истакна Борисов.

Бугарските граѓани и натаму бараат оставка на Борисов, но и на јавниот обвинител кој нареди претрес на кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев и уапси двајца негови соработници. Како резултат на демострациите Борисов минатата недела го реконструираше владиниот кабиент и промени неколку министри, но тоа не придонесе за смирување на протестите.