Македонија
6. September 2017 - 15:30

Царовска: Градиме хуман, праведен и ефикасен систем за социјална заштита

Од октомври 130.000 работници ќе добијат повисока плата, а за 76 илјади Владата ќе обезбеди над 547 милиони денари поддршка. За оваа денеска информираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во отчетот за сработеното во првите 100 дена на новата Влада, најавувајќи ги измените на Законот за минималната плата од 12.000 денари.

- Како што ветивме во нашата програма, се посветивме на враќање на парите кон граѓаните, извлекување на граѓаните од сиромаштија и градење на хуман, праведен и ефикасен систем за социјална заштита, рече Царовска.

Во првите сто дена, додаде таа, е подготвен и таканаречениот закон за стечјаците за решавање на деценискиот проблем на стечајните работници. Појасни дека со ова законско решение се опфатени околу 3.000 лица и дека за таа намена се издвојуваат 300 милиони денари годишно.

Таа ги нагласи и измените во Законот за социјална заштита кои веќе се во собраниска процедура. Со предложените измени се овозможува правото на паричен надомест за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност, како и додатокот за глувост, да се остварат без оглед на приходите на лицето кое има потреба од помош. Дополнително се намалуваат трошоците од вкупно 1.700 денари за конзилијарно мислење и упат кои досега ги плаќаа овие граѓани. 

Царовска информира дека Министерството подготвува темелна реформа на системот на социјална заштита. Според неа, новиот систем ќе го смени суштинскиот начин и пристап кон социјалната заштита. Инормираше и дека е формирана работна група составена од претставници на МТСП, граѓански организации и професори од областа кои ќе работат на подготвка на нов предлог Закон за социјална заштита.

Министерката рече дека МТСП ја менува праксата во однос на исплатите на средствата за социјална и детска заштита кои ќе се исплаќаат редовно. - Во првите 100 дена ги исплативме сите средства навремено за сите корисници. Ова ќе биде пракса и во иднина а со исплатите нема политички да се калкулира, потенцира Царовска.

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена, Царовска информираше дека во изминатите 100 дена извршени биле повеќе од 300 инспекциски контроли и дека безбедноста и здравјето при работа се приоритет на Владата на Република Македонија, за што ја усвои и националната стратегија со која се предвидени конкретни мерки за подобрување на состојбите во оваа област.

Направена е важна измена, рече Царовска, и во оперативниот план за вработување и нагласи дека се обезбедени дополнителни два милиона евра за активни мерки за вработување, а фокусот се млади лица до 29 години. Министерката додаде дека се преземени и конкретни чекори во насока на зголемување на опфатот на деца во градинките.

- Во моментов се реконструира и опожарената градинка во Шуто Оризари, со што ќе се помогне на над 200 семејства во општината. Во тек е изградба и опремување на 13 детски градинки со што ќе се зголеми опфатот за 682 деца до крајот на годината. Оваа тенденција ќе продолжи и во наредната година, секако во соработка со локалните власти. Покрај ова, воведовме и двосменско работење во градинките, со што излеговме во пресрет на барањата на родителите, истакна Царовска.

Таа информираше и за објавениот оглас за вработување на 29 стручни социјални работници во прва фаза, од планираните 60 вработувања за во Центрите за социјална работа низ земјата каде што има голем недостиг на стручни кадри.

- Значајно е да се напомене дека е овозможено повторно враќање на 910 лица во системот на социјална заштита, кои претходно го изгубиле правото поради добивање пари преку брз трансфер, рече Царовска.

Министерството за труд и социјална политика потпишало договори за поддршка на граѓански здруженија од областа на социјална заштита, кои беа избрани на јавни конкурси. Вкупниот фонд за поддршка на проекти изнесува 2.400.000 денари. Министерството обезбедило и 300 илјади евра за три центри за упатување на жртви на сексуално насилство и еден шелтер центар за заштита на жртви на сексуално насилство.

Министерката информираше дека во првите 100 дена реализирале 50 средби со различни домашни и меѓународни институции и организирале 19 настани. - На отворениот ден јас и мојот кабинет досега се сретнавме со повеќе од 500 граѓани, истакна Царовска.

Таа потенцираше дека сека во МТСП се троши одговорно и домаќински и дека во министерството не смее да има никакво луксузирање. Нагласи дека посветено ќе продолжи да работи на тоа Македонија да стане социјална држава, а министерството вистински граѓански сервис.