Македонија
9. November 2017 - 10:25

Чешка останува силен поддржувач на Македонија во ЕУ и во НАТО

Чешка останува силен поддржувач на зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО и е секогаш отворена за соработка на овој план. Севкупните односи меѓу двете држави, како и односите помеѓу владите и парламентите се на одлично ниво и без отворени прашања, истакнал новоименуваниот вонреден и ополномоштен чешки амбасадор во Македонија Мирослав Томан на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери. 

Џафери, како што соопшти денеска Собранието, на средбата се заблагодарил за отворената и континуирана поддршка што Чешка и ја дава на Македонија во процесот на евроатлантските интеграции и финалното пристапувањето во Европската унија и НАТО. На средбата било истакнато дека е високо ценета и поддршката што Чешка, заедно со другите членки на Вишеградската група и ја дава на Македонија во справување со бегалската криза и обезбедувањето на јужната граница.

Џафери го информирал Томан за напорите на Владата на Република Македонија за унапредување на односите со соседите, како и за активностите што му престојат на Собранието до крајот на годината. Тој, како што стои во соопштението, нагласил дека по настаните од 27 април 2017 година, Собранието успеа да се врати на местото коешто му припаѓа и продолжи со нормализирање на текот на активностите. Според Џафери, резултатите од локалните избори во Република Македонија, ја потврдија поддршката за Владата и парламентарното мнозинство и за реформите што ќе ги спроведуваат.

Информирајќи за неодамнешните избори за пратеници во Долниот дом на чешкиот Парламент, амбасадорот Томан потенцирал дека се очекува одржување на конститутивната седница на новиот парламентарен состав, како и брзо формирање на новата Влада. Со оглед на тоа што чешкиот Парламент е дводомен, тој посочил дека комисиите за Европска унија и за надворешни работи и безбедност на чешкиот Сенат, се подготвени да воспостават соработка со соодветните комисии во Собранието на Република Македонија.

Во соопштението се наведува дека соговорниците едногласно констатирале дека парламентарната дипломатија е повеќе од потребна и дека пријателските односи и соработка меѓу двата парламенти треба токму на тој начин да се продлабочуваат и унапредуваат. Било изразено очекување дека по формирањето на новиот парламентарен состав на чешкиот Парламент, ќе продолжи соработката меѓу претседателите на парламентите, претседателите на комисиите и пратеничките групи за соработка, како и соработката и размената на искуства меѓу двата парламентарни институти.