Македонија
6. August 2020 - 19:43

Четири години по големите поплави во скопско граѓаните се уште бараат решение

Четири години од катастрофалната поплава во Скопје најмногу ги погоди селата Стајковци, Смилковци, Синѓелиќ и Арачиново.

Силниот дожд кој врне цел ден наликува на тој кобен 6 август. Во Стајковци беше мирно, но на улиците можеше да се забележи поголема количина на вода. 

-Овие две улици пред четири години воопшто не беа проодни поради калта. Делот од селото кое сега се наоѓа зад мене беше еден од најпогодените делови поплавата во 2016 година. 

Куќите се реновирани, но се уште има објекти кои сведочат за тоа до каде беше нивото на водата и калта. Некои од жителите се жалат дека не добиле никаква помош од државата, но и тие кои добиле велат дека не била доволна за да се покријат штетите. 

-Ова е местото од каде што почна се. Селаните и денеска се жалат дека каналот се уште се затнува и поради тоа дел од подрумските простории се уште се поплавуваат.

„Да не се повтори. Истите случки, нема до толку. Но, секогаш кога ќе заврне водата знае да влезе во подрумите, и по улиците да има. Канализацијата ја чистат – колку ја чистат, секој си знае. Но, не е како што беше“, вели жителка на Стајковци.

„Водата се создава тука на улицата. Народот оди по вода. Автомобилите прскаат. За каналот ни ветуваа од пред 20 години, но не го направија уште, и ден-денес. Градоначалникот е од тука, од Стајковци. Ништо не направија, народот си оди се уште по вода“, вели жител на Стајковци.

Жителите се присетуваат на тој кобен 6 август, кога загубија се. Велат дека стравуваат при секој посилен дожд, особено кога има невреме, како завчера кога поројниот дожд 40-тина минути го парализираше Скопје. 

„Секоја година кога ќе дојдеме тука се плашиме зашто условите тука не се погодни. Каналот и водата течат по улица. Ни поминува преку оградата и влегува внатре. Тогаш бевме поплавени, имаше 50-тина сантиметри до еден метар вода внатре. Оттогаш наваму не е решен проблемот“, 

„Водата искрено да ви кажам беше до вториот кат. Подрумот ми е доле како прв кат, горе вториот кат. Поплавата беше речиси до вториот кат, долу што имаше се однесе. Но, фала му на Бога, ние сме живи и здрави, другото не ми е важно“.

-Поплавата одзеде 22 животи. Најголемиот дел од жртвите беа токму зад мене, близу обиколницата каде водата исфрли голем дел автомобили и камиони. 

Во текот на ноќта над 1.000 жители беа евакуирани. Тогашната Влада прогласи 15-дневна кризна состојба во Скопје и Тетово, а 8 август беше прогласен за ден на жалост.

Неколку недели беа потребни за да се санираат поголемите штети и улиците низ селото повторно да станат проодни.