Македонија
8. December 2022 - 21:11

Членството на Македонија во НАТО најважен момент за безбедноста на регионот

Членството во НАТО ја гарантира безбедноста на Македонија. Вискои претставници на Алијансата брифираат дека во услови на Руско-украинска војна и зголемени тензии во регионот, Македонија го оправда секој чекор за атлантската интеграција. 

Две и пол години по зачленувањето, НАТО на македонската армија гледа како на стабилен партнер, добро обучена и опремена армија која може да застане рамо до рамо со своите сојузници во речиси секоја мисија на Алијансата. 

Македонија минатиот месец ги засили борбените групи на НАТО во Бугарија и Романија како засилена будност на руската агресија, а земјава учествува со контингент од 65 војници и во КФОР мисијата предоведена од НАТО која ја следи безбедносната состојба на Косово. 

Во Алијансата се следат и хакерските напади на повеќе државни институции и дојавите за бомби со кои секојдневно се соочува земјава. Едно од можните решенија е и отворање на регионален Центар за кибер безбедност следната година кој најверојатно ќе биде лоциран во Албанија. 

НАТО не се откажува ниту од поддршката за Украина. Оттаму брифираат дека невоената помош која ја обезбедуваат сојузниците ќе продолжи се додека е тоа потребно иако проценките се дека во зимските месеци не се очекуваат поместувања на линијата на борбените дејствија. 

Следниот предизвик ќе биде обезбедување на струја, гас и храна за Украина со цел да се спречи нов бегалски бран кон Европа, кој може да достигне од 2 до 3 милиони Украинци. 

Алијансата наскоро ќе брои 32 членки, откако најголемиот дел од сојузниците веќе го одобрија приемот на Шведска и Финска, а истото во јули годинава го направи и македонското собрание.