Бизнис
18. August 2019 - 17:16

Дали Македонија и Косово се на раб на трговска војна - утре итна средба на повеќе институции

Загубите ќе бидат огромни ако веднаш не се најде решение за трговските блокади меѓу Македонија и Косово, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Откако земјава забрани увоз на икри и млади риби од Косово поради нивната непозната здравствена исправност, Приштина одговори со блокада на македонските компири и мед. Опозицијата повикува на посериозен пристап на наедлежните во врска со овој проблем, особено зашто земјава остварува суфицит во трговската размена со Косово.

“Ако ова не се седне на заедничка маса и веднаш не се најде излезно решение, тоа ќе значи сериозна економска загуба на македонските земјоделски производи. Македонските производители, во конкретниот случај на мед и компири, гарантирам дека ги имаат исполнето сите законски процедури и сертификати за квалитет за да може да извезуваат надвор од РМ. Останува отворено прашањето зошто баш сега Агенцијата за храна и ветеринарство воведе забрана за увоз на икра и млада риба од Косово иако знаеме дека во изминатиот период постојано се увезуваа во земјава. Исто така, останува отворено прашањето зошто ако веќе имало најави дека од Косово влегува риба и икра со сомнителен квалитет, зошто претходно не се седнало со властите од Приштина па да се разговара за изнаоѓање заедничко решение.”, вели Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Министрите за економија и за земјоделство, како и директорите на Агенцијата за храна и на Царинската управа, најавија средба утре наутро, по што ќе информираат за наредните активности.

Од владејачката партија се надеваат на позитивна разврска.

“Секако дека надлежниот министер ќе преговара и за тоа ќе се најде заедничко решение. Тоа се политички и еконосмки процеси, така што се работи за земјоделски производи, меѓутоа секако дека ќе имаме преговарање и се надевам дека процесот ќе се откочи”, изјави Татјана Прентовиќ, пратеничка од СДСМ.

Од Агенцијата за храна објаснија дека блокадата ќе се тргне веднаш штом Косово ќе се најде на позитивната листа на Светската здравствена организација според безбедноста на икрата и младата риба.

Косовските власти, пак, се заканија дека доколку земјава не ја повлече забраната за увоз на тие производи, можно е да воведат целосна блокада за увоз од Македонија.

Ова не е прв пат Косово да ја отежнува трговската размена. Лани ги зголемија зарините за повеќе од 20 македонски производи, а воведоа и стопроцентна царина за производи што потекнуваат од Србија и Босна и Херцеговина.