Македонија
26. September 2020 - 21:21

Дали податоците на државната статистика се релевантни?

Македонија и Украина се единствените европски држави, каде нема попис на населението повеќе од 15 години.

Од осамостојувањето до денес, Македонија целосно спровела само два пописи, последниот во 2002 година. Постои и трет, но неуспешен попис на населението од 2011 година, кога по само 10 дена пописот беше прекинат поради разликите во толкувањето на тоа кој сè може да биде попишан, поточно спорно беше попишувањето на лицата кои повеќе од една година не се во земјава.

Последниот обид да се попише населението во Македонија беше за годинава. Требаше да се спроведе во април, но предвремените парламентарни избори, а потоа и пандемијата беа причина за ново одлагање на пописот за идната година.

Премиерот Заев вчера беше дециден во својата изјава дека пописот неодложно ќе се спроведе наредниот април.
Првиот човек на Статистика се надева дека пописот конечно ќе се спроведе, а институцијата со која раководи ќе продуцира реални податоци.

Немањето попис е сериозен проблем, не само за Државната статистика, туку и за бизнисот, но и за целата држава, вели првиот човек на Статистика. Според него, долго неажурираните податоци за населението освен што ја усложнуваат работата на ДЗС, ја доведуваат во прашање и релевантноста на самата статистика.

“Не само на статистика, туку го усложнува функционирањето на државата воопшто, бидејќи не располагаме со соодветни свежи податоци. Тоа што го имаме е историски податок, се случило пред 18 години, значи нешто што денес е можеби комплетно изменета состојба. Значи и оваа база е стара. Колку и да се обидуваме да ја ажурираме не е тоа тоа. Пописот е вистинскиот начин на ажурирање. Значи, трпат и нашите истражувања, трпи и квалитетот на податокот што го собираме со анкетите”, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Потребата од попис е ургентна, бидејќи сите статистички истражувања, кои се однесуваат на домаќинствата или лица, се базираат на податоците од последниот попис.

“Самите излезни резултати кога се пресметуваат како одредени индикатори по жител, на пример БДП по жител, стапки на наталитет, морталитет итн., бидејќи немаме одамна попис, а проценките кои што ги правиме се врз основа на административни податоци и не покажуваат реална состојба на населението вистински, бидејќи недостасуваат миграциите, недостасува иселувањето во странство, што за жал, тешко или поточно невозможно е да се следи статистички и административно. И така ние фактички делиме со поголема маса на население одреден податок за да добиеме некаков индикатор, кој што во суштина е помал од она што е реалната вредност на тој индикатор” вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Некои држави веќе неколку децении не спроведуваат класичен попис на населението. Високото ниво на функционалност на институциите овозможува државната статистика самостојно и редовно да ги обновува податоците.
Ваквиот начин на евиденција на населението преку користење на сите државни регистри прва го воведе Данска. Но, бргу стана пракса и во Исланд, Италија, Финска, Холандија и Шведска.
Па, се поставува прашањето дали и Македонија може да го следи тој пример?

“Ние преминуваме кон еден за нас нов метод во суштина преоден метод т.н. комбиниран за спроведување на попис, со кој што истовремено ќе користиме и податоци од регистри и ќе попишуваме на терен, за следниот попис да биде исклучиво базиран на регистри. Значи, повеќе да нема теренска активност, да не се прашува населението. И прво, се намалуваат, односно на нула се сведуваат трошоците за попис, а од друга страна имате состојба коректна, добра во секој момент. Значи, не на 10 години, туку кога и да посакате”, вели првиот човек на Статистика.

Државата деновиве набавува 5.650 лаптопи во вредност од над 3 милиони евра за потребите на Статистика за спроведување на пописот. Планирано е најмногу 150 од нив да останат во институцијата, а останатите по завршување на пописот да се отстапат на Министерството за образование. Инаку, самиот попис е проценет на вкупно 8,5 милиони евра.