Македонија
25. November 2022 - 16:38

Дали синот на Талат Џафери положил правосуден пред да дипломира?

Исчезнати се документите со кои може да се докаже дали синот на спикерот Џафери положил правосуден испит пред да се стекне со неопходното образование.

Сомнежот го отвори Антикорупциската комисија која по проверка на сите документи утврди дека Барлет Џафери за завршени три години факултет се стекнал со степен на образование 7/1, уверение кое вообичаено се добива за завршено 4-годишно високо образование.

Како е ова можно антикорупционерите не добиле одговор ниту од тетовскиот универзитет, ниту од Државниот просветен инспекторат. 

Спорно според ДКСК е што Барлет Џафери студиите ги завршил во јули 2015-та, а правосудниот испит 5 месеци претходно. Но сомнежот не може да се докаже бидејќи Министерството за правда не ги чува документите.

И од Министерството за правда потврдуваат дека Барлет Џафери ги положил правосудниот испит во февруари 2015-та со потпис на тогашниот министер Аднан Јашари, кадар на ДУИ, но како се стекнал со правото за полагање правосуден нема одговор бидејќи овие документи се чуваат само 1 година.

Министерството допрва ќе ја разгледува можноста за електронско чување на овие документи за да спречи идни вакви злоупотреби. 

За предметот стар 7 години и без овие документи, антикорупциска  мораше да го затвори  предметот за синот на Џафери.

Барлет Џафери наскоро ќе ја заврши и Академијата за судии и јавни обвинители и ќе биде или судија или обвинител.