Македонија
9. July 2020 - 19:36

Дали виртуелната настава може да стане реалност во иднина

Како да се пресели училницата во домот? Во ек на пандемија, виртуелната настава се повеќе станува реалност, а потребата од функционално образование бара негова неопходна дигитализација.

“Крајно време е да почнеме со нејзино спроведување бидејќи немаме избор. Дури и да почнеме да работиме во редовна настава, може да се случи на пола година да се префлиме дома“.

Една од образовните институции која најдобро се прилагоди на новонастанатата ситуација е Факултетот за информатички науки. Нивното искуство може да биде драгоцено во спроведувањето на националната платформа за далечинско учење.

Според професорката Филиповска од ФИНКИ, целиот процес има три главни столба:

“Едно е да се постави платформата, друго е професорите да се адаптираат на неа, затоа што онлајн учењето е различно од предавање. Не може сами одма се да правите и тоа е тоа. Трето тешко е за студентите, многу зависи од нивната самодисциплина”.

Предизвиците се бројни. Нема да има оправдување ако во септември затекнеме неподготвен образовен систем вели Кордалов, кој смета дека до почетокот на учебната година има доволно време да се лоцираат главните проблеми. 

“Тоа треба да се прави на ниво на училиште, на ниво на општина, односно да се види каде треба да се интервенира со технички средства како лаптопи, компјутери. Каде треба поголем проток на интернет”.

Образовните институции досега испробуваа различни приоди за квалитетна дигитализација, но искуството од ФИНКИ вели дека најдобро би се работело преку единствена платформа.    

“Да се одбере решение кое би било унифицирано за сите. Не верувам дека ако се оди на решение каде што секој ќе бира што ќе прави, нема да може искуствата да се соберат и да се направи вистинско ефикасно решение за сите”.

Дигитализацијата е повеќе од потребна и тоа не само во образованието, вели Кордалов. Во таа насока за наесен се планира првиот оглас за користење на фреквенции за 5Г технологија, за која Филиповска уверува дека не претставува опасност за здравјето.