Бизнис
22. April 2019 - 19:47

Дел од исклучените од парно, сепак ќе плаќаат паушал

Нови проблеми за исклучените од системот на греење. Новите правила кои важат од  01 април предвидуваат дека паушал и натаму ќе плаќаат граѓаните кои не живеат во становите или не ги користат деловните објекти.

„Сопственикот на посебен дел во станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, кој живее или го користи објектот и е исклучен од системот, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист) после што нема обврска да го плаќа надоместокот. Сопственикот кој не живее или не го користи посебниот дел за деловни потреби, има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност, согласно тарифниот систем за продажба на топлинска енергија“, соопшти компанијата.

Од Здружението на граѓани Но пасаран кои со години бараат да биде укинат паушалот кој го плаќаат за услуга која не ја користат велат дека новите правила кои ги усвои регулаторна се спротивни на одлуката на Уставен суд од 2009 година.

На крајот на март РЕК донесе одлука според која исклучените од системот веќе нема да плаќаат паушал, а граѓаните кои допрва ќе се исклучуваат тоа ќе може да го направат само со изготвен елаборат. Од БЕГ велат дека исклучените граѓаните ќе можат да доставуваат барања до 31 мај.