Балкан
19. March 2020 - 11:29

Дел од нарачаните заштитни маски за Словенија заглавени во Германија

Дел од маските кои словенечката Влада ги купи по итна постапка заглавија во Германија.

И покрај тоа што беше најавено, вчера во Словенија не пристигнаа милион и пол заштитни маски наменети пред се здравствените центри во кои веќе се појавува недостаток на заштитна опрема, а се справуваат со коронавирусот.

Министерот за одбрана Матеј Тонин изјави дека маските заглавиле во Хамбург и дека се прават дипломатски напори што побрзо да се донесат во Словенија. Според последните најави тоа ќе се случи за неколку денови.

– Не е за верување, но изгубивме контакт со возачот кој го управува возилото со пратката. Се обидувавме да го контактираме во текот на денот, но тој не ни се јави и сега не знаеме точно каде е – изјави Тонин.

Во меѓувреме друга нарачка од 400.000 маски утрово пристигна во земјата, што според надлежните ќе биде доволно да се задоволат потребите таму каде што е најкритично.

Тие веќе се во логистичкиот центар во местото Ројах, а се набавени од Белгија. Според министерот за економија Здравко Почивалшек кој лично ги пречека маските, се работи за набавка вредна 250.000 евра.