Македонија
20. September 2019 - 8:37

„Ден на европска соработка 2019“ во Битола

Под мотото „Европа тоа си ти“ денеска во Битола ќе се одржи манифестацијата „Ден на европска соработка 2019“ во организација на Министерството за локална самоуправа и делегацијата на Европската Унија, во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција.

Манифестацијата пред Центарот за култура – Битола ќе ја отворат министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претставникот на делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмаат, и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Денот на европска соработка се одбележува секоја година во земјите што имплементираат ИПА-програми за територијална соработка, финансирани од Европската Унија, со цел да се афирмираат придобивките од соработката меѓу земјите и регионите и од реализацијата на голем број заеднички проекти.

Годинава оваа манифестација ќе биде одбележана во над 30 земји, во рамките на 50 ИПА-програми за територијална соработка со организирање 120 локални настани.

„Ден на европска соработка 2019“ во Битола ќе биде одбележан со голем број настани што ги промовираат соработката и европските вредности, преку анимирање на пошироката јавност.