Живот
10. October 2020 - 10:06

Денес се одбележува светскиот ден на грижа за ментално здравје

Денес на одбележувањето на Светскиот ден на грижа за ментално здравје, 10 октомври потсетуваме на важноста на менталното здравје за целата популација. Во услови на Ковид-19 важно е да се обрне внимание на влијанието на кризата врз менталното здравје на групите под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението.

Грижата за нашето ментално здравје е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје.

Во поддршка на овој важен сегмент на колективното здравје, Клиниката за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот и токму во насока на унапредување на менталното здравје. Клиниката има отворено повеќе телефонски линии за различни целни групи и почнувајќи од март оваа година досега се реализирани над 4500 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со Ковид 19.

Од Клиниката информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија, а координатор за нашата држава е токму Универзитетската клиника за психијатрија. Оваа студија се спроведува со цел да се изврши процена на влијанието на пандемијата Ковид-19, како и воведените рестриктивни мерки врз менталното здравје кај нашето население како основа за развој на соодветни здравствени интервенции.

„Во изминатиот период покажавме вистинска грижа и беа реализирани бројни активности за унапредување на условите за третман за пациентите во установите кои ја третираат оваа категорија пациенти. Универзитетската клиника за психијатрија е учесник во два интернационални проекти за ментално здравје во заедницата во рамки на програмата Horison 2020 на Европската Комисија - ИМПУЛС кој е раководен од Queen Mary University од Лондон и RECOVERY кој е раководен од Trimbos Institute од Утрехт. Во овој период на пандемија со Ковид, имаме опсежна и успешна соработка со УНИЦЕФ, како и координираност со СЗО.“ – изјавуваат од Клиниката за психијатрија.

Направени се значајни инвестиции во унапредување на условите за пациентите во болницата, како и осовременување на опремата и терапиите. При што, обновен е апаратот за транс-кранијална магнетна стимулација, набавен е тест за дијагностика на состојбата на вниманието и хиперактивност кај деца и возрасни. Воведени се и дијагностички процедури таргетирани за деменции. Отворени се неколку нови кабинети – за снимање на состојбата при спиење, за ментално здравје на жени во перинатален период, кабинет за деменција.  

Исто така, комплетно се реновирани и опремени болничките соби за третман на хоспитализирани пациенти. Инсталирана е дигитализација на објектот, како и климатизација на сите простории. Целосно е реновиран и амбулантскиот дел и кровот на зградата.  

Во Психијатриската болница Демир Хисар е комплетно изграден нов машки павилјон за чија изградба средствата ги обезбеди Американската амбасада. Уредувањето го финансираше самата болница. Павилјонот е со површина од 510м2, каде се сместени болнички дел со 36 болнички кревети, санитарен и административен дел. Инаку, ова е прва посериозна интервенција на капацитетите од основањето на институцијата пред 63 години.  

Значително се унапредении условите и во Психијатриската болница-Негорци во Гевгелија каде е отворено ново одделение за акутни состојби во психијатријата. Новото одделение е изградено од темел, на место на постојното одделение. Изградено е од цврста градба, со површина од 560 m2 и е енергетски ефикасно со термоизолациска фасада, квалитетна столарија, соларен систем и панелен кров со највисок изолациски коефициент. Исто така, во изминатиот период е извршена уште една комплетна внатрешна реконструкција на хроничното одделение со површина од 450 m2, при што се поставени нови подови и плочки, целосно нови купатила и тоалети и извршено е реновирање на целата површина на ѕидови и тавани, при што е поставена целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение.

Токму на овој ден уште еднаш потсетуваме за важноста од грижата на нашето ментално здравје, посебно во време на светска пандемија со Ковид-19 и апелираме граѓаните да побараат стручна помош, психијатар или психолог доколку стресот е присутен во текот на дневните активности подолг период и не успеат да најдат начин како да се справат со него.