Македонија
2. March 2018 - 8:21

Денеска се празнува големиот великомаченик кој беше жив изгорен

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 февруари.

Денеска е Св. великомаченик Теодор Тирон.

Свети Теодор Тирон, покрај овој свој неподвижен празник на денот на неговото мачеништво, се слави и во првата сабота од Великиот пост. Таа сабота е позната како Тодорова сабота, подвижен празник кој зависи од почетокот на постот. Светителот е истиот и денеска се сеќаваме на неговата маченичка смрт.

„Тирон“ значи „регрут“. Штотуку Свети Теодор беше стапил во војска, во Мармаритскиот полк, во градот Амасија, започна гонењето на христијаните под царевите Максимијан и Максимин. Со оглед дека тој не сакаше да крие дека е христијанин, го подложија на суд и го фрлија во затвор, заклучен и запечатен. Во затворот му се јави Самиот Христос велејќи му: „Не плаши се, Теодор, Јас Сум со тебе, не земај веќе овоземна храна и пијалок, зашто ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата“. При ова се јави мнозинство ангели во затворот и сиот затвор заблеска прекрасно, а затворските стражари ги видоа ангелите облечени во бело и мошне се уплашија. По ова Свети Теодор беше изведен и осуден на смрт. Го фрлија во оган и Му ја предаде својата душа на севишниот Бог. Пострада во 306 година.