Македонија
20. August 2015 - 14:34

Денеска се слави Светиот маченик Марин

Светите маченици Марин и Астериј 

Првиот беше војник, а вториот римски сенатор. Во времето на царот Галиен Свети Марин служеше како војник во Кесарија Палестинска. Заради верата во Христа беше убиен со меч. На неговото страдање присуствуваше сенаторот Астериј, којшто беше христијанин. Тој ја симна од себе својата долама, го обвитка телото на маченикот, го зеде на рамо, го однесе и чесно го погреба. Кога го видоа тоа незнабожците го убија и него со меч. Чесно пострадаа за Христа во 260 година.

Преподобниот маченик Дометиј

Роден е во Персија како незнабожец, во времето на царот Константин. Како момче се запозна со верата Христова, го остави незнабоштвото и се крсти. Толку ја засака вистинската вера, што напушти с ѐ светско и се замонаши во еден манастир кај градот Нисивија. Во братството поживеа некое време, па се оддалечи на безмолвие кај некој архимандрит Нурвел, за кого се вели дека шеесет години не јадел ништо варено. Старецот Нурвел го заѓакони, па кога сакаше да го принуди и во чин на свештеник, Дометиј побегна во некоја пустинска гора и се насели во една пештера. Достигна толкаво совршенство низ постот, молитвата, бдението и богомислието, што исцелуваше болни. Кога во тие предели дојде Јулијан Отстапник, слушна за Дометиј, па испрати луѓе коишто го заѕидаа жив во пештерата заедно со неговите двајца ученици. Така заврши овој Божји Светител во 363 година и се пресели во Божјото Царство.

Преподобен Ор

Отшелник Тиваидски. Имаше преголем подвиг и достигна големо совршенство. Кога добро се утврди и се освети себеси во самотијата, тогаш постепено основа неколку манастири и беше извонреден духовен раководител и наставник на мнозина монаси. Руфин, којшто го посети, вака го опишува: „Во својата облека тој личеше на Божји ангел, деведесетгодишен старец со долга брада бела како снег, со многу пријатна надворешност. Неговиот поглед светеше со нешто натчовечко.“ Повеќепати видел ангели Божји. Особено се трудеше никогаш да не изговори невистина. Имаше големи искушенија од демоните, но трезвено и храбро ги совлада сите. Се причестуваше секојдневно. Еднаш неговиот ученик го опомена дека е Воскресение и дека треба да се празнува. Кога го слушна тоа, тој излезе надвор, ги крена рацете кон небото и три дена помина во молитва без одмор. Па му објасни на ученикот: „Тоа и е празнувањето на Воскресението за монахот, да го возвиши својот ум и да го соедини со Бога.“ Се упокои во длабока старост, околу 390 година.

Преподобен Пимен Многуболезнен

Од малечок болежлив и од малечок желен за монашки живот. Во Печерската лавра го донесоа заради исцеление, но тој остана таму до смртта. Повеќе Му се молеше на Бога за болест одошто за здравје. Ноќе му се јавија ангели и го потстрижаа за монах. Тогаш му рекоа дека ќе боледува до смртта и дека пред да умре ќе оздрави. Така и стана. Дваесет години лежеше на постела. Правеше големи чуда за време на животот и беше голем проѕорливец. Пред смртта стана од постелата наполно здрав и веднаш почна да си подготвува гроб. Се упокои во Господ во 1110 година.

Светиот свештеномаченик Наркис, патријарх Ерусалимски

Убиен со меч во времето на Антигон, во 213 година, во сто и шеснаесеттата година од животот.