Македонија
28. September 2016 - 15:11

Десет години од основањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска одбележа десетгодишен јубилеј од своето основање, а истовремено беше одбележан Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер“, под мотото „Имам право да знам“. 

Претседателот на Комисијата Ѓорѓи Сламков истакна дека во изминатите десет години од страна на барателите се поднесени околу 31.000 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, што укажува, како што кажа, на значителното практично користење на Законот за слободен пристап на информации од јавен каратер.

- Во наведениот период Комисијата постапи по 6.200 доставени жалби и притоа донесе 3.300 решенија и околу 2.900 заклучоци при што за најголем дел од поднесените жалби односно за околу 3/4 од нив Комисијата донела позитивна одлука за барателите, рече Сламков.   

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според Сламков, е модерен, функционален и усогласен со демократските стандрарди на земјите членки на Европската унија.  

- Не смее да се задоволиме со она што досега е постигнато, напотрив и покрај реалната потреба од кадровско и материјално засилување ние продолжува за јакнење на позицијата на Комисијата во системот, рече Сламков. 

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во своето обраќање истакна дека правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денес претставува еден од носечките столбови на демократијата, а во исто време и значајна алатка со која јавноста може да врши општествена контрола врз власта. - Наша стратешка определба е членство во НАТО и ЕУ, а остварувањето на овие наши стратешки определби го наметнува слободниот пристап на информациите од јавен карактер како еден од клучните критериуми за полноправно членство, рече Вељаноски. 

Зголемувањето на бројот на граѓани кои како поединци поднеле жалби за кршење на нивното право до слободен пристап до информации од јавен карактер од минатата година, според спикерот Вељаноски, покажува јакнење на свеста кај граѓаните за индивидуалното право, но и обврска да биде информиран. Тоа од друга страна, смета тој, покажува дека Комисијата е препорзнатлива во општеството. 

Вељаноски апелираше до сите институции за доследно почитување на своите обврски кога станува збор за слободен пристап до информации од јавен карактер. 

Заменик - министерот за правда Билјана Бришкоска - Бошковски рече дека е потребно да се обрне поголемо внимание до класификацијата на информации, како и до доставувањето на одговорите на барателите на информации.

- Ова особено поради фактот што  ЕК во препораките за интните реформи во областа на медиумите констатира дека пречка со која што се соочуваат барателите во обезбедувањето на јавните информации, е како што се наведува, неоправданото и прекумерно класифицирање на документите кои не се од таква природа, рече заменик-министерката за правда.

Втората пречка во делот на пристапот до јавните информации, според Бришкоска Бошкоски е неодговарањето на барателите.

- Министертвото за правда е подготвено да превземе чекори за дообјаснување на овие прашања во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, рече заменик-министерката.      

Свои обраќања на одбележувањето имаа и амбасадорката Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и УНДП, како и Јаромир Левичек, раководител на Одделот за оперативни работи од Делегацијата на ЕУ во Скопје. 

Тие посочија на потребата од поголема транспаретност на институциите, продолжување на проектот Отворена влада, како и на забелешките на ЕК во однос на информациите од јавен карактер. 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска потпиша меморандуми за соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со УНДП.