Македонија
24. November 2019 - 19:13

Детектор: Повеќе од половина млади сакаат да ја напуштат Македонија

Повеќе од половина од младите размислуваат да се иселат од Македонија покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го изработи Институтот за политички истражувања. Според него, близу 33% од граѓаните размислуваат за иселување. Дури 52% од младите кои имаат помалку од 29 години рекле дека кројат планови да ја напуштат државата.

Анкетата покажува дека за помалку од 6 месеци, бројот на граѓани кои размислуваат за иселување се зголемил за близу 4 процентни поени. Главна причина поради која Македонците размислуваат да ја напуштат државата е потрагата по подобар животен стандард.  Близу 80% од граѓаните велат дека причина за иселувањето е подобра работа и плата. 60% од анкетираните граѓани велат дека имаат некој близок кој се иселил во странство. Меѓу студентите кои ги одговарале прашањата, дури 80% изјавиле дека имаат близок кој ја напуштил државата.

Мнозинството граѓани или 37% сметаат дека пред 10 години било полесно да се најде работа отколку денеска. Ваквата слика ја креираат главно повозрасните граѓани. Половина од оние кои имаат повеќе од 60 години сметаат дека пред 10 години полесно наоѓале работа, за разлика од нешто помалку од 38% од младите кои се на став дека денеска е полесно да се дојде до вработување. Повеќе од една третина од анкетираните велат дека се подготвени да работат било што доколку нема работа. Секој петти граѓанин е подготвен да се преквалификува доколку не може да се вработи по струката. Близу 18% во таков случај би се иселиле а 13,4% се подготвени да чекаат додека не се отвори посакуваното работно место. Анкетата на Детектор покажува дека близу 40% од постарите од 60 години и нешто над една четвртина од младите под 30 години се подготвени да работат било што доколку нема работно место во согласност со нивното образование.

Информатичарите според најголемиот дел од граѓаните имаат најперспективна професија. По нив следат докторите и политичарите, а по 2% од анкетираните мислат дека најголема перспектива има во банкарскиот сектор и меѓу елелкторинжинерите.

Сепак, близу 53% од анкетираните кога би можеле да бираат би се вработиле во државниот сектор за разлика од 26,8% кои би го одбрале приватниот.
Безмалку половина од анкетираните сметаат дека македонскиот образовен систем не нуди доволно можности за правилен избор на професијата но во големо мнозинство се против идејата одредени студии или средношколски смерови да се стават во мирување.

Интересен е податокот дека над 47% од граѓаните велат дека кога повторно би можеле да одберат, би се запишале во стручно средно училиште за разлика од 32% кои би одбрале гимназија.
Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус - минус 3%.