Македонија
30. August 2018 - 13:12

Детската клиника има потреба од вработување сестри и доктори, Филипче најави зајакнување на здравствениот систем

На Универзитетската клиника за детски болести се вработија 40 медицински сестри со што делумно се надмина проблемот, но има потреба да се вработат уште толкав број поради спецификата на детската возраст и потребата од поголем број средно медицински персонал за поддршка на децата и на родителите. Има потреба и од доктори, истакна денеска директорката на таа јавна здравствена установа, Катарина Ставриќ
 
- Добиено е вработување на доктори специјалисти и специјализанти дел од кои се планираат за Хемато-онколошкиот оддел, како и ново барање за вработување медицински сестри, додаде Ставриќ одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Дневниот центар за психо-социјална поддршка на децата заболени од малигни болести на Детска клиника. 
 
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека како и досега во договор со директорите на клиниките ги евалуираат потребите за доктори и медицински сестри во Скопје, но и во сите јавни здравствени установи во внатрешноста.
 
- Во изминатиот период е вработен значаен број медицински персонал, следен чекор е распишување на државните специјализации и тоа исклучиво во септември кога ќе се завршат сите административни процедури, а после деталното утврдување на бројот на специјалисти кој е потребен во сите јавни здравствени установи, потенцира Филипче.
 
Тој смета дека со овој чекор одат во насока на значајно зајакнување на здравствениот систем и тоа што ќе продолжат во континуитет да го прават е следење на состојбата, анализа на тоа кои доктори од кои специјалности и во следниот период ќе треба да се пензионираат и врз основа на тоа да ги планираат и спедните вработувања и специјализации.