ДИЦ се огради од случајот со матурантката Силјаноска - Како ќе реагираат институциите матурантката да не биде обесправена?
Матурантката Тијана Силјаноска најверојатно ќе пропушти една година за посакуваните студии во Словенија. Државниот испитен центар изработува толку матурски испити – колку што има пријавени матурантите. Согласно процедурите, таа нема да може да ги полага двата екстерни испити во јуни и ќе мора да го чека следниот рок, со што ќе го пропушти уписот во Словенија.
Се обидовме да дојдеме до одговор од министерот Шаќири, дали на Тијана ќе ѝ биде дозволено сега да ги полага двата предмети, но тој нè препрати до Државниот испитен центар. Директорката на ДИЦ, пак, не одговори на нашите повици.
Но, оттаму топката ја префрлаат кон училиштето. Велат, на Тијана не ѝ било дозволено да полага бидејќи училиштето не ја пријавила.
Согласно законските процедури, учениците пополнуваат пријава во училиштето најдоцна до 31 декември. Списоците се доставуваат до ДИЦ најдоцна до 15 февруари, а потоа училишната матурска комисија ги проверува податоците и доколку има грешка, таа треба да направи корекција и да ги врати до ДИЦ.
-Во случајов од страна на комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска, вела тод ДИЦ.
Во ваков случај, одговорност треба да преземе директорот на училиштето бидејќи тој е потписник на списоците, а тој интерно да бара одговорност од класниот раководител или другите вработени кои го направиле пропустот.
Во случај кога државата најверојатно нема опција да ѝ помогне, училиштето најмалку што може да направи е на Тијана да ѝ дозволи да ги полага двата интерни предмети за кои тоа е задолжено.
-Малку се распрашував и разбрав дека училиштето ќе излезе во пресрет, па оние два предмети кои треба да ги полага во склоп на матурата во самото училиште ќе ѝ овозможат тоа да се стори, но поматаму ќе биде одлука на министерот. Нема законско решение кое ќе ѝ овозможи посебно полагање на матурата, вели Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ вели дека државата мора да направи база на сите ученици уште во основно училиште за да се избегнат пропусти како во случајот со охриѓанката Тијана.
-На неколку места можело да се убиди, па и во самото училиште, дека детето, односно ученикот го нема во списоците за полагање на матура. Колку што јас разбрав, ова не е единствен случај, но не ми се сосема сигурни информациите, ќе видиме понатаму. Министерот рече дека ќе преземе одредени мерки и ако е првпат, значи, треба да се предвиди во законот што со ваквите случаи, вели Јаневска.
Случајот го привлече вниманието и кај политичките партии. Демократски сојуз на Павле Трајанов бара итно да ѝ се овозможи на Тијана да го полога пропуштениот испит, бидејќи тоа е грешка на училиштето.
-Јасно е дека пропустот го направиле одговорните во СОУ „Свети Климент Охридски“, тие треба да ја коригираат грешката и на ученичката да ѝ дозволат да полага веднаш, за да може да ги фати роковите за упис на некој од факултетите. Не е педагошки и човечки полагањето да го одлагаат за следната сесија и да даваат изјави и коментари несоодветни за образовна институција. Демократскиот сојуз го повикува министерот за образование да реагира соодветно и да води грижа за секој ученик посебно, доколку е обесправен, велат од партијата.
Во услови кои УКИМ од година во година сè повеќе паѓа на Шангајската листа, матурантите сè почесто сакаат да студираат надвор, а Словенија е најпосакуваната дестинација. Сепак, за студирање во странство матурантите мора да ги завршат административните процедури на време. Пропустите на институциите како случајот со Тијана значат дека матурантите по туѓа вина треба да изгубат цела година за да се запишат на посакуваниот Универзитет, или чаре да бараат на домашните факултети.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар