Македонија
19. November 2015 - 15:47

Димитриев: Најголемата политичка сила во Европа со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во април 2016 година

Генералниот секретар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Емил Димитриев, денеска, заедно со својот партиски и собраниски колега Владимир Ѓорчев, во Брисел се сретнаа со претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, при оваа средба, Дол, како прв човек на ЕПП, на Димитриеев и Ѓорчев им ја изразил јасната и јавна поддршка, што и конкретно најголемата политичка сила во Европа ќе и ја даде на својата партија-членка ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори во Република Македпнија што ќе се одржат во април 2016 година.
 
Како што Димитриев посочи во изјава за МИА, тој и Ѓорчев имале многу срдечна средба со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол со кого разговарале на повеќе теми. Според генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, една од темите биле европските перспективи на Република Македонија, но и соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ЕПП, мигрантската криза и се што е актуелно за регионот и за Европа.
 
Од своја страна, Дол пројавил интерес за актуелната политичка состојба во Република Македонија во делот на надминување на политичката криза што се реши со договорот од Пржино и неговата имплементација преку изгласување на законите и преку влегување на опозицијата во Владата на Република Македонија со што се создадоа услови за започнување со подготовка за одржување на изброите во април наредната година.
 
- Од страна на претседателот Дол беше искажано дека на овие избори нашата партија може да смета на поддршката на Европската народна партија и дека таа поддршка во периодот што претстои ќе биде и конкретизирана, посочува Димитриев.
 
Челникот на ЕПП со Димитриев и Ѓорчев разговарал и за европските перспективи на регионот и на Република Македонија, при што македонските пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ му посочиле дека врвните приоритети на македонската држава и понатаму остануваат членството на Македонија и во НАТО и во Европската унија.
 
- Ние му укажавме дека се што е вредност на Европската унија ние го споделуваме и дека во тој дел ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската народна партија активно соработува и учествува во сите активности на европската десница, додава Димитриев.
 
Според македонските пратеници, Жозеф Дол се интересирал и за бегалската криза и за тоа колкави се бројките на лица што влегуваат на јужната граница во Република Македонија и како Македонија гледа на оваа ситуација и што превзема за менаџирање на истата.
 
- Ние го информиравме дека фактички без разлика што е мала земја, Македонија е исправена пред исклучително голем предизвик со кој досега соодветно се справува. Бегалците имаат соодветен третман и врз основа на насоките од одржаната седница на Советот за безбедност се превземаат мерки што дополнително ќе помогнат за да имаме поцелосна контрола на оваа ситуација со бегалската криза, завршува Димитриев.
 
Со оваа најавена поддршка од ЕПП, всушност македонската партија ВМРО-ДПМНЕ зад себе на парламентарните избори во април идната година во Македонија ќе ја има најголемата политичка сила на европскиот континент која ги дава и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, како и германската канцеларка Ангела Меркел и низа други европски нацционални лидери.