Македонија
12. March 2018 - 15:26

Димитров-Чапутович: Полска ја поддржува Македонија во евроатланските интеграции

Македонија и Полска отсекогаш имале позитивни односи, пријателски и блиски, со многу разбирање. Полска ја поддржува РМ на патот кон НАТО и кон ЕУ. Економската соработка се подобрува и има можности во иднина да биде уште подобра, констатирале на денешната средба министрите за надворешни работи меѓу двете земји Никола Димитров и Јацек Чапутович. 

- Имаме видливи, интересни позитивни показатели во делот на економската соработка. Има голем скок на трговската размена во 2017 година во однос на нивото на 2016 година, нешто што се надеваме ќе се зголеми уште повеќе со редовната линија што полската авиокомпанија ќе ја започне со шест лета неделно од јуни годинава, рече на заедничката прес-конференција Димитров.

Неговиот полски колега посочи дека претходната година трговската размена меѓу двете земји пораснала за 75 проценти, што, како што потенцира, покажува дека постои потенцијал за подобрување на соработката.

Посетата на Чапутович, македонскиот министер за надворешни работи ја гледа како поддршка на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Очекуваме и правиме, рече тој, се што можеме во јуни земјите членки на ЕУ да донесат политичка одлука да започнат преговорите со Македонија и оти земјата долго чека на тоа. Мојата можеби клучна порака, потенцира, тој, е дека прави се што може, но оти не е се во нејзини раце.

- Тоа е споделена одговорност не само на нас како на земја кандидат и на нашиот сосед Грција со којшто се обидуваме да надминеме едно тешко прашање и голема разлика, туку и на останатите земји членки, бидејќи ова влијае на европската политика на регионот, влијае на куќата на стабилност и европски просперитет што сите заедно се обидуваме да изградиме на Балканот, а  Македонија оваа година е во секој случај најветувачката тула токму во таа куќа, рече Димитров.

Денешната посета, рече полскиот шеф на дипломатијата, го покажува постојаното ангажирање на Полска и поддршка за Македонија и пошироко за земјите од Западен Балкан.

- Споделуваме заедничка историја, заеднички интерес, добро ги разбирам аспирациите на Македонците поврзани со членството во ЕУ и во НАТО, рече Чапутович.

Додаде дека Полска ги поддржува европските аспирации на Македонија. Претседавањето на Бугарија со ЕУ, вели, е добар момент за поставување на ова прашање на дневен ред.

Тој на средбата ја пофалил Владата за, како што рече, добро насочените внатрешни реформи и за подобрување на меѓународната ситуација на Македонија со склучување на спогодбата со Бугарија, за добрите разговори со Грција, за еластичноста во врска со надворешните односи.