Димитров: Прашањата поврзани со идентитетот не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа
– Северна Македонија ја поздравува конзистентната поддршка на Република Бугарија за проширување на Европската Унија кон земјите на Западен Балкан. Исто така, сметаме дека почитувањето на Договорот за добрососедство од двете страни ќе биде важен чекор во контекст на пристапните преговори со ЕУ. Во духот на европските вредности цениме дека двете страни треба да се воздржат од условувања кои не водат кон унапредување на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Ова го вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за Дојче Веле на македонски јазик и Радио Слободна Европа, коментирајќи ја поддршката од Бугарија за почеток на преговори со ЕУ на нашата држава со одредени дадени услови.
-Со Договорот за пријателство и добрососедство почнавме еден многу важен историски процес на спријателување и зближување. Ако сакаме да успее тој процес треба да постои разбирање за другиот. Разбирањето за заедничката историја, мора да оди заедно со разбирањето за денешнината и иднината. За нас е од суштинска важност нашиот македонски идентитет – ние сме македонски народ и зборуваме на македонски јазик, наведува Димитров.
Евроинтеграцискиот пат на нашата земја, додава тој, претставува заеднички успех, што е причина повеќе тој да биде мост при создавањето атмосфера на доверба и соработка каква што беше создадена при потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
-Добрите односи и членството во ЕУ подразбираат заемно почитување на двата народа. Потребно е со заеднички сили да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни, избегнувајќи изјави кои може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите. Сметаме дека не смее да биде доведена во прашање европскатата иднина на Северна Македонија и прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската Унија. Ние имаме право на самоопределување. Визијата на Софија ќе се поклопи со нашата визија, со заедничко разбирање за грижите на другиот. Историјата ќе не памти спрема тоа како сме се однесувале кон иднината, посочува шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Ново на Сител
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација
-
Претседателски избори 2024: Утре први гласаат членовите на ИО кои ќе ги спроведат изборите во дијаспората
-
Нови 46 случаи на голема кашлица од 12 до 18 април, хоспитализирани девет лица
-
ЕУ повикува сите актери на Блискиот Исток да работат на деескалација на тензиите