Македонија
1. November 2017 - 8:38

Дискриминираат и оние кои треба да штитат од дискриминација

Институциите кои треба да ги штитат граѓаните од дискриминација и самите се дискриминаторски, особено кон лицата со хендикеп, поради тоа што едната - Комисијата за заштита од дискриминација е лоцирана на место кое е непристапно, а информациите што ги пласираат и Комисијата и Народниот правобранител не се во достапен формат за овие лица, вели Елена Кочовска од Полио Плус Движење против хендикеп.

Тоа, вели Кочовска, значи дека имате Комисија која прави дискриминација кон лицата со хендикеп, бидејќи и непристапноста и недостапноста согласно законските одредби е дискриминација. Прашање е, во овој случај кој и каде може да реагира за ваквата дискриминација

Од друга страна и државата, односно нејзините институции кои треба да нудат еднакви услови за сите граѓани, се дискриминаторски кон одредена група граѓани, а доколку нема поединец кој е засегнат да реагира и поднесе претставка и тужи, нема кој тоа да го направи.

дискриминација

- Доколку некоја институција е непристапна, или нуди информации кои не се пристапни за сите граѓани, мора да има лично засегнат поединец кој ќе поднесе претставка иако тоа засега поголема група. Доколку на пример некој суд е непристапен, нема можност за колективна претставка, ниту пак Комисијата и НП го препознаваат тоа и гледајќи дека тој е навистина непристапен, не покренуваат постапка, вели Кочовска.

Дополнителен проблем за справување со дискриминацијата е неможноста на граѓаните, вклучително и на тие со хендикеп, да ја препознаат дискриминацијата. Затоа вели, тие треба да се едуцираат., и да се охрабрат да поднесуваат претставки и да поднесуваат и тужби. Во спротивно, потенцира, државата ќе има оправдание дека не може да реагира доколку нема доказ за дискриминација.

- Лицата со хендикеп не ја препознаваат дискриминацијата, како правен институт, и се најчесто се сведува на нивниот став тоа им е судбина. Кога ќе дојдат и кога разговараме ги едуцираме дека тоа не е судбина, туку  дискриминација и ги преупатуваме да се обратат до националните механизми за дискриминација, па дури и до судовите, вели Кочовска.

Вели дека, исто така, е потребна и професионализација на Комисијата и зајакнување на нејзините капацитети исто како и тие на Народниот правобранител, да се изгради институционална меморија за континуитет во работата, но и соработка меѓу институциите. Стручни лица не се градат преку ноќ, вели тоа е долготраен процес и треба да не се прекинува.

Дискриминација

На дискриминација по разни основи секојдневно се жалат македонските граѓани, а на вакви случаи во јавноста често посочуваат и голем број невладини организации и граѓански здруженија. И покрај ова во текот на минатата година до Комисијата за заштита од дискриминација биле поднесени само 60 претставки. Голем проблем, сметат надлежните, експертите и граѓанските организации, е неможноста луѓето да препознаат  дискриминација, нивното незнаење каде и како да пријават, страв тоа да го направат или немањето верба дека тоа може да го решат. Дополнителен проблем, посочуваат се и стереотипите и предрасудите, кои доведуваат до зголемување на дискриминација, па дури и до говор на омраза.

Работна група од претставници на Министерството за труд и социјална политика, граѓански организации, невладиниот сектор и експерти од оваа област работат на подготовка на нов закон за заштита од дискриминација со проширување на основите за дискриминација, меѓудругото и сo дискриминација по основ на сексуална ориентација, унапредување на работата на Комисијата за заштита од дискриминација со формирање стручна служба, дефинирање на нејзините надлежности и кога тие се префрлаат на суд, но останува дилемата колку и дали ново законско решение може да придонесе за надминување на состојбите.

- Досега најмногу реакции имаше во делот на потребата од проширување на основите, товарот на докажување, што прави Комисијата, што судот, во дефиницијата на дискриминација, а тоа се подобрува со овој закон. Се поедноставуваат и појаснуваат и термини за полесно препознавање на дискриминацијата, вели Маргарита Цаца Николовска, експерт и поранешен судија во Судот за човекови права во Стразбур. 

Според неа, потребно е и јасно разграничување кога странката ќе достави претставка до Комисијата, но и кога ќе поднесе тужба пред надлежни судови, кога таа ќе отиде пред Уставниот суд што е можно според Уставот. Ќе треба, вели, во тој дел да се разјаснат работите затоа  лицата кои сакаат да поднесат претставка или тужба да не лутаат, но и да се направат измени во други закони.

Антонио Михајлов од НВО „Субверзивен фронт“, смета дека законот се надминуваат одредени недостатоци, особено, како што вели во делот на заштита на Дискриминација по основ на сексуална ориентација.

- Во однос на заштита на ЛГБТ, особено во делот на еднаков третман и недискриминација, има зголемен број пријавени случаи, но и пријави дека тие не се решаваат. Тоа, треба да се надмине со новиот закон, рече тој кога се разгледуваше драфт верзијата на законот.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Џеф Голдстајн тогаш истакна дека треба да се подобри и да се професионализира Комисијата, што е став и на граѓанските организации, во нејзини рамки да се формира стручна служба. Но поважно од се, вели, е да се работи на меѓунационална соработка.

Според него, во земјава има недостиг на соработка меѓу институциите, но и отсуство  на национална база на податоци кога станува збор за прашања од областа на дискриминацијата.

Мабера Камбери од Министерството за труд и социјална политика, покрај тоа што смета дека со измените ќе се надминат недореченостите во законот е убедена дека за заштита од дискриминација, покрај добри закони и нивно спроведување, е потребна, како што вели, и зголемена јавната свест.

- Целосната имплементација на законите не значи и директна промена на нечии ставови кои се базирани на стереотипи и предрасуди. Затоа треба да се погрижиме сите како заедница, со давање личен пример во семејствата и пошироко опкружување и преку соодветен третман на дискриминацијата од страна на медиумите, како и преку образовниот систем, рече таа на неодамнешната дискусија за новиот закон.

Дискриминација

Во Комисијата за заштита од дискриминација во 2016 година се поднесени 60 претставки, од кои најмногу или 18 проценти се поради дискриминација по основ на личен и општествен статус, 17 проценти по етничка припадност, 15 по политичка припадност, 13 по пол, 12 по здравствена состојба и 10 проценти по други видови уверувања...

Комисијата во седум случаи утврдила дискриминација и на дискриминаторите им дала препорака, а во 31 случај утврдила дека нема дискриминација. Комисијата не постапи по 20 претставки поради немање надлежност за постапување, а во два случаи Комисијата ја запрела постапката. Комисијата не постапувала по 20 претставки поради тоа што не можела да се постигне целта на претставката.

До Народниот правобранител, пак, во 2016 година се обратиле 69 лица, на најголем дел од нивите претставки се онесувале на дискримиација по во врска со работен однос - 18, како и по етничка припадност - 17. Во текот на оваа година, пак, биле поднесени вкупно 59 претставки, од кои најголем дел - 14 претставки, биле за вознемирување на работно место. 

Славица Стефановска/МИА