Македонија
16. September 2019 - 13:52

Дива свиња во Куманово, животното е еутанизирано, земени мостри за испитување

Дива свиња која трчала по неколку улици во Куманово утрово ги вознемири граѓаните. Животното, кое прво било видено на улицата „Никола Тесла“, а подоцна и кај градскиот стадион, но и во други делови од централното градско подрачје, е заловено и еутанизирано. Случајот во СВР Куманово бил пријавен во 3:30 часот, потврди МВР.  

Очевидци раскажаа дека животното панично трчало во тој дел од градот. Кумановци не го криеја изненадувањето како диво животно се нашло во урбана средина.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство го потврија случајот и велат дека се преземени сите мерки.

Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство издал  решение за нештетно отстранување (закопување во јама гробница), на труп од дива свиња, која утрово е еутаназирана во сточарскиот ветеринарен центар „Тодор Велков” во Куманово.

-Станува збор за единка, за чие присуство во градот Куманово, во раните утрински часови било алармирано од страна на граѓани, а во чие заловување биле вклучени официјални ветеринари, припадници на Министерството за внатрешни работи и од ветеринарната станица „Тодор Велков”, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

 При еутаназирањето на дивата свиња од страна на официјален ветеринар на Агенцијата,  исполнети се барањата од законите за здравствена заштита и благосостојбата на животните. Земени се мостри за лабораториско испитување и детектирање на евентуално присуство на вирусот на класична и африканска свинска чума.