Македонија
24. July 2020 - 12:30

Дивите депонии сериозен проблем во Струмица

Скоро секојдневно во струмичко никнуваат нови диви депонии. Несовесни граѓани не го бираат ниту местото  ниту отпадот  што  го фрлаат на јавните површини. Од градежен шут, преку стар мебел, до растителен отпад и пластика, ваква слика може да се сретне покрај патиштата, но и во урбаните делови на општината. Од комуналното претпријатие Комуналец велат дека ваквата слика станува секојдневие и покрај големиот ангажман и апeлите кои секојдневно ги упатуваат. Минатата година ги исчистиле сите диви депонии, но за кратко време се појавиле истите, а никнале и нови. Од почетокот на оваа година лоцирале и исчистиле 17 нови такви локации .

Во решавање на овој проблем активно била вклучена и комуналната инспекција. Веќе имале поднесено и повеќе прекршочни санкции, но и нивната работа се одвивала отежнато бидејќи тешко се откривале несовесните граѓани. Од Комунална хигиена велат дека овој проблем може многу лесно да се реши, но потребна е поголема свест и соработка од страна на граѓаните. Граѓаните кои имаат поголема колична на отпад или шут единственото што требало да го направат е да се јават во јавното претпријатие или општинскиот сервис Систем 48.

Дека проблемот е сериозен потврдуваат и екологистите. Од еколошкото друштво Планетум велат решението го гледаат во заострената казнена политика, но и во интензивната едукација на граѓаните. Од таму велат дека тие во минатото реализирале повеќе такви едукативни работилници, но веројатно сето тоа не е доволно и ќе мора да се продолжи со едукацијата за да не дојдеме во ситуација поради неодговорно однесување на поединци да се загадува околината, а со тоа и растенијата и пот почвените води.