Македонија
9. August 2022 - 16:35

Дневните бројки високи, но неделната анализа покажува пад на новозаразени од Ковид-19

Прв пат во овој летен Ковид бран има намалување на бројот на случаи на неделно ниво. Според последниот извештај на ИЈЗ минатата недела регистрирани се повеќе оздравени од заразени, а речиси ист е бројот на тестирани. Од 1 до 7 август пријавени се 3.808 инфицирани, што е за 20 проценти помалку од претходната седмица.

Од друга страна се бележи пораст на бројот на починати и хоспитализирани. Во моментот на болничко лекување има 180 пациенти со Ковид, 45 од нив се на кислородна подршка. Покрај терапијата, според специјалистите по физикална медицина раната пулмонална рехабилитација е неопходна во процесот на лекување и треба да се започне уште на првиот ден од хоспитализацијата.

- Со оглед дека Ковидот беше тотална непознаница за сите нас се увиде дека подобрувањето и престојот во болнички услови се скратува колку порано пациентот се вклучи во таа рана рехабилитација, вели д-р Емилија Куцуловска Цветковска, специјалист по физикална медицина и рехабилитација во ГОБ 8 септември.

Од околу 4000 пациенти кои поминеле во ГОБ 8 септември за време на пандемијата кај половината била спроведена рана рехабилитација.