Македонија
26. October 2018 - 16:22

ДНК на обвинетиот Алил Демири и уште на 4 лица пронајдена во возилото „опел омега“ поврзано со случајот Монструм

Косовските власти се глуви на барањето за предавање на двајцата обвинети за убиството кај Смилковско езеро. На денешното рочиште судот информираше дека во дописот од министерството за правда е наведено оти нема одговор за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Токму Демири на денешното судење беше посочен дека се возел во автомобилот опел омега со кој се претпоставува дека побегнале сторителите на петкратното убиство. Доктор по генетика од КРИМ лабораторијата на МВР откри дека на задното седиште на опелот пронашол ДНК на Демири.

Според вештакот на полицијата, во автомобилот имало траги на уште четири лица но тие не припаѓале на останатите обвинети во случајот.

На денешното рочиште, судијата Огнен Ставрев презентираше и нов доказ за кој до сега не биле информирани специјалното обвинителство и одбраната. Во папката со документи од предметот пронашол мал тефтер кој го покажа во судница и објасни дека во него се запишани албански имиња, а до нив бројки кои потсетувале на парични суми.

Во случајот Монструм обвинети се шестмина. Претходно беа осудени на доживотен затвор но Врховен ги укина казните и предметот го врати на повторно судење.